Забава

Си немал оџата работа, си ја виткал чалмата

Шоџи Јамасаки е перформанс уметник (хмм) познат по неговата тековна серија „Littered Mvmnts“.  Луѓе наоѓаат слоевити пораки во неговото дело (хмм, хмм). Главно дека со отелотворување на отпадот, наместо да го игнорира, Јамасаки праќа порака и нè потсетува колку нормализиран станал отпадот на јавните простори. Вака кога ќе го напишеш, па и не е толку глупо. А глупо е.

Во Јакутск на минус 71

Млада девојка доловува како е да се живее во Јакутсс, источен Сибир, град во кој температурата знае да падне десетици степени под нулата. За да излезеш во декември, почнуваш со облекување во ноември. А ако така облечен треба да отидеш до веце, треба да почнеш да се спремаш уште пред да ти се приоди. Ама добро, проверивме, денес им попуштило ладното.   

Вие како се враќате дома?

Кога после работа ќе заглавите во некоја скопска сообраќајна тромбоза, еве ви за екстра зорт: во Берн, Швајцарија, луѓе летно време од работа се враќаат дома по река. Алиштата ги ставаат во воодотпорни торби и се џиткаат во реката Ааре, препуштајќи ѝ да ги носи. Излегуваат кога ќе бидат најблиску до дома па ќе допешачат. Кај нас сите би излегле кајшто е најблиску до Кожно. 

Стари добри скечеви

Британското The Sketch Show одеше неколку години на почетокот на 2.000-тите и беше познато по тоа што во него со рафална брзина се менуваа скечевите. На некои денови од снимањата ги пукале по стотина. Шоуто доби и Бафта награда а ова е еден краток и јебитачен, воркшоп сеанса на петмина кои имаат различни фобии. Уиграни максимално. 

Кој би го глумел Мадуро на Нетфликс?

Моментално се наоѓа во озлогласениот затвор во Бруклин, со уште 1.300 штитеници (само да не го штитат како Епстин). Зад него е живописна кариера, спремна за филмска верзија (Американците уште така да му ги извадат парите). Бил шофер на градски автобус во Каракас, синдикален лидер, инспириран од идеи на Саи Баба и Маркс, има одбиено договор за Американската безбол лига. Најјако: фронтмен на рок групата Енигма.   

Овци на плоштад

Илјадници луѓе се собраа годинава на градскиот плоштад во Бирмингем, Англија за да ја испратат старата и дочекаат новата година со „спектакуларен огномет“ кој им бил најавуван од реклами креирани со вештачка интелигенција. Џабе полицијата ги убедевала дека никаков настан ни огномет не се најавени, овие си дошле „да одбројуваат“. Најјако е што истото ова им се случува втора година по ред.  

Постојат херои ама лошо проаѓаат

Прописно облечен и блиндиран деминер од анти-терористичка единица претпазливо проверува сомнителен ранец на улица. На минувач му збоктисува бавниот ритуал па доаѓа сам до ранецот и фаќа да го отвора. Ништо, само алишта во него. Веднаш го срушија на земја. Метју Хјуз од Милвоки подоцна бил обвинет за нарушување на јавниот ред и попречување на службено лице. 

Мотивациона честитка на Мелони

Италијанската премиерка Џорџа Мелони баш знае да окуражи. Нас своите соработници во Палацо Киџи им заблагодари на соработката и им порача: „2025 година беше тешка за сите нас. Но, немојте да се секирате, следната 2026 ќе биде уште потешка. Затоа, убаво одморете за празниците.“
 

Ѕвездите на Стар Ворс

Mладиот свештеник Јозеф Мор кој го напиша текстот (1816) и органистот Франц Ксавер Грубер кој ја напиша музиката (две години подоцна) на веројатно најпознатата божиќна мелодија „Stille Nacht, heilige Nacht“, не ни сонувале дека меѓу стотиците нејзини препеви ќе се најде и изведба на Чубака. Да, Чубака. Соло. Не Хан Соло.

За фушерски и нашиве знаат

Ако ова е вистина, владите на Заев и Ковачевски добиваат озбилна конкуренција во неспособност. Нели објавија куп документи за Епстин. Нели луѓе се бунеа дека огромни делови од нив се зацрнети? Изгледа не го направиле тоа прописно, туку само удриле црна позадина на текстот (црно на црно). Што значи дека ако од пдф-и ги копираш зацрнетите делови, кога ќе ги пренесеш во друг документ, фино лепо читаш што „цензурирале“.

Машко се тестира во кафана

Жената потсетува на еден од најсигурните начини да проверите што мустра е некој што скоро сте го запознале. Одите во кафана за да видите дали знае да се однесува, да сипа пијачка, да остави бакшиш на музика и слично. Најголем аларм е ако се изживува на келнерите и оние кои го служат. Од таков се бега одма. Ако не ви го придржи капутчето, можеби е до вас. Ако е јули.   

Маж бара стрејт сопруг

Колку подолго ја слушате оваа идеја, толку подобро звучи, пишува во дел од видеото во кој човеков ја објаснува својата идеја за стрејт сопруг. Никој никому не се меша во сексуалниот живот, ги спојуваат приходите во едно домаќинство и живеат ко богови. Без мрчење, без драми, без ништо од она што се случува во брак со некој од другиот пол. По нашки, човекот си бара цимер. 

Да си го проверите каменот што ви ја притиска зелката

Жена од Романија земала 3,5 кила камен од речно корито, го донела дома и го користела за потпирање на вратата. Откако починала, оние кои ја наследиле куќата се посомневале дека она што ја држи вратата е обилчен камен. Го однеле на експертиза и се утврдило дека се работи за руменит, особено вреден тип на килибар. Вредност на потпирачот на вратата? Еден милион евра. 

Малку поинаков алко-тест

Не сме го виделе ова по нашите улици и патиштата, а ич не е лошо. Плус државата може да заштеди на оние силни дрегери кои ги троши за да провери дали и колку промили алкохол има некој возач во крвта. Плус и далеку позабавен е ритуалот. Е сега, ако не знаеш да врцкаш, тоа е веќе друг проблем.  

Го знаете ли овој парфем?

Вино, пури, парфеми, часовници се некои од оние работи за кои луѓе сакаат да остават впечаток дека се длабоко упатени во темата и да ги фасцинираат соговорниците со својот истенчен и префинет вкус. А оние кои запнуваат во нешто, најлесно е да ги издриблаш.   

Најлошата работа која може да му се случи на млад човек

Втората најлоша е работење од дома. Таа тивко преобликува цело едно поколение, и тоа не е добро. Канцеларијата не е само работно место, туку цел еко-систем за професионален развој, социјални вештини, градење на мрежи и вистински човечки врски. „Една од три врски започнува на работното место“, потсетува Скот Галовеј. Но, тоа е само втората најлоша. Да ја чуете првата. 

Четирите стандарди на кинеската убавина

Кутри млади девојки од Кина, вирално се заразија со тестирање дали ги задоволуваат критериумите за убавина. Ич не почнувајте. Првиот критериум е струкот да е потесен од хартија со А4 формат (не се важи лендскејп). Второ е да може да се фати пупакот со рака од позади. Ама тек третиот критериум е луд: клучната коска да прави кадиче во кое може да плива мала рипка (?). А има уште еден.   

Човек навикнува на ѓубрето

Кога сами или со помош на некој добронамерен странец ќе ни текне колку се валкани нашите улици, тротоари, градови и реки, во налет на наивноста може да поверуваме дека еден скорешен ден, сето тоа ќе ни скурчи, одеднаш ќе се оправиме, прописно ќе зачистиме и потоа ќе држиме да остане така. Наивните и во Бангладеш некогаш верувале слично.  

Хуманоидните роботи на Иран

Иран месецов одржа меѓународен технолошки Експо (Киш Инокс Тек Експо 2025) со амбициозен наслов „Откриј ја иднината.“ За да демонстрираат дека и тие држат чекор со технолошкиот прогрес, како хостеси промовираа „хуманоидни роботи“ од нивно производство. Само што беше очигледно дека тоа не се никакви роботи туку двајца јадници (машко и женско) облечени во евтини бинарни креации.   

Каде се изгубија боите?

Видеото не дава одговор на прашањето зошто со текот на времето живописните бои исчезнаа од нашата околина и таа стана еднолична и главно монохроматска, но потсетува во кои се области тоа незебелажно ни се случи: кај автомобилите, домовите, рестораните, филмовите.... Кај нас пак, она шарените „шуто и рогато“ на Заев дополнително ни ја огадиja идејата за шарен свет.

Рецепти од ИКЕА?

Канадска Икеа нашла феноменален начин да ја промовира и прошири нејзината прочуена продукт -филозофија на сосема ново поле. Извадиле серија рецепти кои не мора ги читаш бидејќи на хартија за печење е нацртано што и колку треба да ставиш. Ќе го пополниш дијаграмот со намирниците, ќе ја стуткаш хартијата и правец во рерна.   

Виртуелните касиерки на Њујорк

Минималната плата во Њујорк во 2025 година е 16,50 долари на час. Но, ресторани и други угостителски објекти во Менхетн, Квинс и Џерси нашле начин да го заобиколат тоа. Наоѓаат работници од некои светски џенеми кои примаат нарачки за храна закачени на онлајн камери. И онда нив ги плаќаат 3,25 на час. И не само тоа, овие места и натаму инсистираат на регуларен бакшиш од 18 проценти.

„Judgement Day“ ќе почека

Пед некој ден Русите извадија свој хуманоиден робот кој испадна плукнат Русин какви што сме се изнагледале по алкохолизираните руски видеа. Тргна, се затетерави и љосна на фаца. Но, не е само тој. Имаме и мала компилација од роботски утки после кои може да накривиме капа и да си кажеме, дечки, имате уште муви да лапате.   

Алекса е новата Баба Рога

Видео компилација од мали деца кои имаат вистински страв од персоналниот гласовен асистент развиен од компанијата Амазон. На самото спомнување на името, нив ги фаќа уплав. Не е тешко тоа да се разбере: Алекса е нешто чиј глас постојано го слушаат по дома а никогаш го немаат видено.