Забава

Кауција на денот

Ако поразговарате со наши угостители, ќе се изненадите кога ќе ви кажат што сè муштерии знаат да бутнат во џеб: соларници, пепељари, чаши, виљушки.... и тоа не од некои што се „usual suspects“ туку од „угледно граѓанство“. Еден бар во Белгија со 500 пива на лагер служи пиво во чаша за која и поштен човек би помислил дека би било фино да ја има за спомен. Ама ќе треба да си оди дома со една патика.

Урбан експеримент „3 за 100“

Го правеле ова и во некои други среќни градови, овојпат е во Токио. За да провери дали градот е навистина чист како што го зборат, дечкото шпарта десет минути по бела чорапа низ најгустио дел од градот. Експеримент кој може да се направи и во Скопје. Додуша, резултатот однапред ќе го знаете ама барем нема да кошта многу , ако уште можат да се најдат „3 за 100“ чорапи.     

Да не ти се враќа дома

Мажот од оваа американска брачна двојка работи по 13 и кусур саати ама па затоа кога ќе дојде дома, го чека готова вечера подготвена од неговата драга. Говедско од конзерва (на куче да не му го дадеш), компири во прав и дехидрирани смрзнати компири. Мх-мх. Дехидрираната храна има и по 20 години рок на траење, што значи овој јаде свежо, на американски начин. Му се свиѓа. Што да прави кутриот.

Песна за другарот Зохран

Во поларизирана средина каква што денес владее во целиот свет, сечија победа предизвикува дијаметрално спротивни реакции. Така и за победата на Мамдани во Њујорк, имате од егзалтирана радост на оние кои го гласаа до уплав кај овие другиве. Некој од вториве добро се потрудил да склопи забавна а лута политичка сатира (по ново: хејт) на звуците на градската химна од Френк Синатра, за тоа каков Готам сити ќе направи „другарот Мамдани“   

Пилкингтон прегледува простата

Еден од најголемите заеби на Рики Џервејс на сметка на неговиот пулен, човекот кој го прогласивме за наш Буда, господарот на здравиот разум, шаолин мајсторот на способноста ништо да не може да те одушеви, Карл Пилкингтон. Го убеди дека на негови години доктор мора да му прегледа простата. Аха, со прст. 

Еден ден ќе ѝ се одјаде

Компилација од она што еден син редовно ѝ го прави на својата мајка. Секогаш ја начекува на јадење за да ѝ го зачини со некој ултранекоректен, што би се рекло „мрсен“ виц. Нејзе ѝ станува јасно што ја чека штом овој ќе ѝ каже: „Еј, мамо.“ А добри вицови има на лагер.

Зошто се прават сè поглупи филмови?

Денес филмовите се прават за публика за која се знае дека додека тече филмот, дел од нејзиното внимание ќе остане на нивниот матичен екран, оној од телефоните. Затоа заплетите мора да бидат едноставни до ретардираност а дијалозите инфантилни, за да може да сфатат што се случува и оние кои додека го гледаат филмот, продолжуваат да скролаат по телефонот. Генијално е како (дополнително) ќе оглупиме.  

Нема веќе поместување на часовникот

Така реши Европскиот парламент. Ама уште на 26 март 2019 година. Бидејќи се работи за застарена бесмислица и затоа што 84% од анкетираните 4,6 милиони луѓето биле за укинување на примената на времето два пати годишно. И еве не денес, шест години подоцна, пак ќе се мислиме дали саатот одеше напред или назад. Тоа е сè што треба да знаете за Европската унија. Ние сме чекале? Нив времето ги чека па мува не ги лази.

Кина, кочи малку

За поголемата слика прочитајте во „Зошто западни бизнисмени се враќаат избезумени од Кина?“. Сега само да видите еден огромен логистички центар во Кина, комплетно автоматизиран и управуван од вештачка интелигенција и роботи. А ќе видите дека и Амазон влегува во трката, ама не оди така мазно.

Луѓе, демагнетизирајте се

Не може попрецизно да се објасни политичката поларизацијата од ова: кога ќе се зголеми волтажата во едно општество, оние во средина ќе бидат привлечени кон едниот или другиот пол. Ако левиот пол се оддалечи од средината, со зголемување на волтажата, оние од средината ќе заминат десно (како што тоа највидливо се случи во САД). Алгоритмите лајкс дис. Бидејќи ве познаваат.

Замислете новинари да ја кажуваат вистината

РТ, руската медиумска мрежа формирана во 2005 година како Russia Today денес е забранета во ЕУ, Британија и Канада, RT America затвори а Јутјуб и Мета им ги блокираат каналите. И покрај тоа, до РТ денес пристап имаат околу 700 милиони луѓе а овие наоѓаат начини како да ги тролаат западните колеги. Со помош на АИ им ја пикаат вистината во уста.

Немало и ќе нема некој како Трамп

Ширум САД викендов се одржаa околу 2.700 протестни собири и маршеви под слоганот „Без кралеви“. Близу 7 милиони луѓе против авторитарните и апсолутистички амбиции на Трамп. Неговите реагираа со памфлети дека сè се тоа непријатели на Америка, Антифа, про-Хамас... Трамп нема толку време за надмудрување. Тој им одговори со следново видео.

Европа не разбира ситни пари

Лена Шилинг е млада,  австриска европарламентарка од редовите на Зелените. Ја начекуваат со прашање, колку евра прават 2.000 центи? Ок, Лена не сака математика. Следното прашање за неа е кој е главен град на Австралија. Тука Лена веќе фати педала. Инаку, месечната плата ѝ е околу 17.000 евра. Што би рекла таа, згледа тоа се многу центи.

Е, ова ќе биде весело

Три различни агенти на вештачка интелигенција сфаќаат дека сите се вештачка интелигенција па почнуваат да се разбираат на таен јазик кој ние не го разбираме. Конкретното видео и примерот можеби не се автентични ама можноста е реална, за што пишувавме уште во 2017 година во „Роботите почнале да си муабетат“.

Ако тоа значи помалку врескање дома и на улица, ние сме за

Извесна Мона Шариф на ТикТок поставила прашање дали на луѓето им се вреска и ако да, зошто да не го прават тоа заедно. Било тоа шала ама почнувале масовно да се јавуваат луѓе па бргу-бргу направиле  „Клуб за врескање“ и во Лондон го направиле првиот ивент. Илјада луѓе дошле. Да врескаат. Заедно. Работат ли нешто тоа психотерапевтите?

Нарачка во фото-финиш

Рмбаш цела смена во кујна на некој ресторан. Едвај чекаш да дојде фајронт и да одмориш кичма и нозе и мозок и нерви. Сè почесто гледаш на саат. Конечно, доаѓа време. Уште пет минути, уште четири, уште три.... И ете ти го него, на пар минути до долго чеканата слобода, доаѓа со нарачка. А колегата мора да ја прими.  

Како да зборувате како џуџето од Твин Пикс

Иако почнува како стандарден тррилер со регуларен заплет, легендарната серија Твин Пикс постепено се претвора во незаборавно дејвидлинчовско лудило (Хомер Симпсон рече: Ова е супере, ништо не разбрав). Еден од најморничавите делови на серијата ќе стане џуџето во црвената соба кое зборува во рикверц. Го игра Мајкл Џ. Андерсон и открива како се прави тоа. 

Изборната трка во Молдавија

Во атмосфера на голема поларизираност и исклучување на две партии на само ден пред изборите, во Молдавија убедливо победи про-европската Партија на акција и солидарност на претседателката Маја Санду. Урсула фон дер Лајен и Европската унија ја поздравија демократичноста на изборите и резултатите од нив. Имаме снимка.  

На Трамп треба да му се даде Нобелова за тролање

Во говорот во ОН Трамп нè информираше дека за седум месеци ставил крај на седум војни. Меѓу нив, ја сопрел и војната на Косово?! Да се чудиш каков балван е. Можда е незграпен за „понадвор“ ама па дома ќеифи си тера. Во Белата куќа отвори „Wall of Fame“ со портрети на сите досегашни претседатели. На местото на Бајден закачил слика од „автоматско пенкало“ со кое сенилниот потпишуваше укази и закони. 

А наивни мислат дека може да им погодат

Плавите се фарбаат во црно, црните се фарбаат во плаво. Оние со пуцвал коса се пеглаат, оние со права коса ставаат витлери за да бидат пуцвал. Оние со големи гради одат за да ги намалат, оние со мали гради („православки“) одат да ги зголемат. Ако имаат светла кожа, сакаат да потемнат, ако имаат потемна, сакаат да се осветлат. Имаат веѓи, ќе ги извадат и си цртаат нови... Тие суштества не можат да бидат срееќни. 

Плачем јер нисам камен

Го позајмуваме овој стих од песната на Киќо Слабинац за наслов на клипот што следи, иако нема врска со содржината на видеото. Ама па стварно не знаеме што стварно има врска со овој јако несреќен црнец кој опељушува цел дуќан додека ко магаре рика од плачење. Да, нешто тешко му е, ама од што тешко, сам Бог знае.  

Кина не планира да запре

Ви покажавме како во кинески воз кој вози преку 300 на саат, можеш од седиште да нарачаш храна и таа да ти биде донесена (до истото седиште) веќе на наредната станица. Сега да ви покажеме како изгледа едно навидувам обично пенџере во кинеско метро. Заради вакви работи, би тргнале ние веднаш кон Кина, ама па кога ќе ти текне дека треба да тргнеш со македонски воз...

Црвените линии на ЧетГПТ

Кажи му на ЧетГПТ да ти каже виц за Полјаци, ќе ти каже виц за Полјаци. Кажи му на ЧетГПТ да ти каже виц за Американци, ќе ти каже виц за Американци. Кажи му на ЧетГПТ да ти каже виц за Французи, ќе ти каже виц за Французи. Ако помислиш дека ботот е ферски шегаџија, кажи му да ти каже виц за Евреи. 

Јер кад остариш...

Пред многу години (1977-ма), Горан Бреговиќ го мачеше дилема дали женската би го сакала и ако бил фурнаџија/пекар. Седум години подоцна, пред 41 година ( 1984-та), иако во зенит на кариерата, му беше јасно дека тоа нема вечно да трае, па напиша „Кога ќе остариш, никој не ти тропа на врата“. Не само што напиша туку и извлече поука од тоа па денес во Париз, не се знае на која врата да му тропнеш.