Музика

Многу музика од малку мастраф

Како старите добри баби кои од она ништо што се имаше по дома знаеја да направат оброк прсти да излижеш, така и малава (Алма Дојчер), на која од шешир ѝ вадат четири рандом ноти, за помалку од една минута, направи соната. За повеќе да ги цените Рамонси, тие знаеја и со три.

Љубовна песна на денот: Тостови, тостови

Македонските песни имаат два клучни проблема. Прво, што се 98% љубовни, ко да нема друга тема на светов, и второ, што таа љубов се опишува толку шаблонски, што метафорите на Лукас и Цеца се Ник Кејв за нив. Накратко сакаме да кажеме, кој во песна се осмели уште еднаш да спомне „бакнежи врели“, треба да биде посипан со катран и пердуви и протеран на Криволак. Ама затоа имаме песна која ги решава двата проблеми и сакаме да ја споделиме со вас. Така се прави тоа.

Вака ли концерти во иднина?

Флејминг липс деновиве одржаа концерт во родната Оклахома сити, и како тестирање на концепт на свирка во време на пандемија а и попат да снимат спот. Концептот е и бендот и публиката да бидат во свои меури. Ок, не, фала. Еден меур што го имаме ни е сосема доволен проблем за на концерт.

Женски метал бенд од Индонезија? Давај!

Се викаат Voice of Baceprot или скратено VoB, што значи бучава на нивниот мајчин јазик. Фрида е вокал и гитари, Еуис Сити тапани и Види е на бас. Го прават бендот пред 6 години, како средношколки. Хиџабот никогаш не изгледал подобро!

Кога Бах ќе се врати во прстите на еден маестро

79 годишниот Жоао Карлос Мартинс, со помош на специјални бионички ракавици, успева првпат после 20 и кусур години да го свири Бах, а важи за еден од најдобрите изведувачи на неговите дела на сите времиња. Од пијаното го одвојува дегенеративна болест на рацете заради која досега имал 24 неуспешни операции. Нормално дека се расплака.  

Том Џонс на (руски) стероиди

Хитот на Том Џонс, „Sex bomb“, изведен од рускиот армиски хор и оркестар. Толку тестостерон на едно место не е виден уште од генгбенговите на Адриана Чечик.

Француско интермецо

Малку од малку да се погалиме со овие две гугутки чии гласови не се ништо спектакуларни ама целото комплетче е вистински противотров за паланечката бучава од која полека полудуваме.

Радиохед подобар од Радиохед

„I'm а creep" вика оригиналот. „I'm banana“ вика оваа верзија која е направена со помош на автоматското комплетирање на пребарувањата на Гугл. Знаевме дека од Рејдиохед нешто не-кринџ сепак може да се извлече!

Ведра песна за почеток на денот

Можни се два проблема со оваа песна. Нечии родители да видат дека синот им пребарувал „enormous penis“ па да следат непотребни прашања. Или, бидејќи песната баш влегува во уво, да почнете несвесно да си ја потпевнувате на некој состанок. Инаку, бонбона.

Погоди ја песната

Ја знаеш, само во исто време не е таа што ја мислиш и е таа што ја мислиш. Како? Така, сите се исти ама треба некој да ти покаже дека се исти.

Шемс мај бич ап

Ако во иста коалиција можат да влегуваат шуто и рогато (копирајт: ЗЗ), тогаш зошто во иста песна да не можат да влезат Шемса и Продиџи?

Многу неприродна музика

Ги гледаш, ги слушаш, а не ти се верува ни едното ни другото, бидејќи е поразлично од сè што до сега ти се случило. Нирвана како свинг, Мајк Џексон како блуграс, Бредли Купер и Гага како полка, „Ентер сендмен“ како детска песна. И не, не секогаш ова звучи успешно.

Песна за Аланис Морисет и ќерка

Морисет во своето портфолио има многу поконцентрирани настапи но во емотивна смисла, после десетина години, ова видео ќе им биде прајслес во фамилија.

Кога Џој Дивижн би ја изведувале Take on Me

Веројатно фановите и на Јан Куртис и на А-ха ќе се почувствуваат навредени од овој крајно неприроден спој, ама па што. Интересно е, баш зашто е богохулно.

Не може Бајага и Продиџи?

Кој ти вика? Апостол на музичките мешапи досега беше (и останува!) Апостолски ама еве, и други си играат на сличен начин. „Верујем, не верујем“ од Бајага и „Вуду пипл“ од Продиџи, споени пасент по нивните ритмички шевови.  

Металика, Берлин, цел концерт

Концертот е од 6-ти јуни 2006 (6.6.06) а вчера Металика за прв пат го пушти цел на Јутјуб, најавувајќи како „екстремно металски“ концерт на кој ќе биде изведен комплетниот „Master of puppets“ (по повод 20-годишнината од албумот). Ако мислиш дека лажат, они два и пол часа ќе се потрудат да те разубедат.

Крис Корнел - Трпение

Крис Корнел денес ќе славеше 56 години ако човекот со „глас распослан во четири октави во кој чудесно се мешаа и свила и шмиргла“ пред 4 години не решеше да одигра поинаку, на огромна вџашеност и жал на неговото семејство, пријателите и огромниот број фанови. За неговиот роденден, фамилијата реши да ја сподели неговата досега необјавена верзија на Patience од Guns n Roses.

Пинк Флојд на вода

Пред 31 година, на 15 јули 1989 година, Пинк Флојд стапнуваат под импресивното осветлување на една масивна платформа на вода во Венеција и одржуваат концерт после кој градоначалникот мора да даде оставка ама затоа Венеција во портфолиото добива еден од најгледаните концерти на сите времиња.

Кога старка ќе се разгневи

„Како да не беше доволно што ги преживеавме 80-тите години за сега пак да го гледаме истотo срање“, крикнува Боб Молд пренесувајќи го духот на Hüsker Dü појако од кога и да е. Стариот е наапан на стотка.„Устајте презрени и гладни,“ со многу гитари. Од-лич-но!

Како да сме во Матрикс

„Затворете ги школите, затворете ги и црквите“, пее пред 100 години за шпанската грозница слепиот Вили Џонсон, еден феноменален госпел и блуз уметник во кој почнува да р'ти и подоцнежниот рокенрол. Освен попустата надеж дека на луѓето ќе им дојде памет, единствено што Џонсон утна е дека Исус набргу доаѓа. Сега па уште помалку би му се доаѓало, пошто сега има прописно да го распнат на Фејсбук.     

Рамбо Амадеус: Платиш едно, добиеш две (пута три)

Мотиви и инспирација за пишување на овој текст најдов во поплавата на дезинформации кои доминираат со интернетот и социјалните мрежи, претворајќи ја свеста на луѓето во депонија на идиотарии.

Кинг Кримсон и Роберт Фрип - Heroes

Има доста добри обработки на песната на Боуви ама оваа баш прави мерак. Отсвирена е од бендот во берлински Адмиралспаласт во 2016 година, непосредно по смртта на Бпоуви и 40 години откако истата песна е создадена и снимена во непосредна близина на Берлинскиот ѕид. Со истата онаа гитара на Фрип која завива како ветар а трае како гајда.

Кит Ричардс во изолација

Добро, не целиот Кит Ричардс туку неговата гитара. И не секоја гитара туку онаа во „Gimme Shelter“. А тоа не е некоја од неговите омилени Телекастер, Лес Пол или Епифон туку некоја мистериозна Матон EG240 Суприм за која Ричардс денес памти дека некој во брзање ја оставил кај него, ама има заборавено кој.