Музика

Џо Пеши да ти пеел

Разбравме случајно преку Реј Романо (со кого беа заедно во The Irishman):"„Таман кога мислев дека не можам повеќе да му се одушевувам на Џо Пеши, разбрав дека тој знае и да пее!“ И стварно, на 25 години, во 1968 година, Пеши го има издадено албумот Little Joe Sure Can Sing! со преработки на хитчиња. И чкарт да беше, ќе ни се свиѓаше. А не е чкарт.

Џони Кеш ја пее Тејлор Свифт?

Луди, луди работи. Со помош на вештачката интелигенција, можеме да слушнеме како би звучел хитот на Тејлор Свифт, Blank Space, кога би го пеел гoсподарот на долните октави, Џони Кеш. Неговите фанови ова ќе го сметаат за тешко богохулие, ама за среќа, таков отпор не се очекува и од фановите на Свифт - тие и не знаат кој е Џони Кеш.   

Ново од Битлси

Ваков наслов ќе беше нестварен или барем религиозно обоен (Ленон воскресе, ваистину воскресе) да не живеевме во време на вештачка интелигенција. Софтверот на Питер Џексон успеал да го одвои гласот на Ленон од пијаното (и другите звуци) од едно демо кое со текот на времето добиваше митолошки домензии. Демото го даде Јоко Оно. Ви викаме ние дека од секој човек може да има некое фајде?

Планетава ја посети гласот на Анкудинова

Од вокалниот регистер на Дијана Дмитриевна Анкудинова може малку да ве фати фуфка бидејќи оваа 20 годишна девојка од Русија пее како да доаѓа од Асгард на Тор или некоја друга реалност. Оние во жиријата седат и се чудат, како сме ние повикани ова да го оценуваме?

Каков рокер ќе беше Пост Малоун

Музиката која Пост Малоун ја свири и онаа му носи пари, не ја можеме баш нај-нај; хип-поп, клауд-поп, како ли и да се вика тоа (со малку јодлање и аутотјун). Ама дечкото е ултра-талентиран, без пардон. Чат пат ќе отсвири нешто рокерски и ќе сфатиш дека кога некого го бива- го бива. Кантри, уште повеќе. 

Роденденска за Ленон

Џон Ленон деновиве ќе полнеше 83 години. Фанови на Битлси решија да се соберат и да го прослават денот со песна. Се разбира, во Строубери филдс, дел од њујоршкиот Централен парк посветен нему. Ах, да дојдеше и Јоко, па да запее и таа, па да се разбегаат сите ко глувци.

Грло на денот

Имитацијата може да служи за потсмев, за сатира но и како ласкање. Катрина Веларде во тоа свое грло држи дузина пресети со готови параметри на многу други познати грла. Го симнува не само тонот и бојата, туку у манирот и цаките. Многу талентирано.

Полициска проба

Стинг, Енди Самерс и Стив Коупланд вежбаат за нивното повторно концертно обединување, некаде 2007/2008 година. Стинг е фрапиран од сознанието дека сега е во бенд во кој не може никого да отпушти. Му се изнасмеа на еден прелаз на феноменалниот Коупланд а овој му се усука дека тоа еден ден ќе се учи во музички лекции ама дека можеби е прекомплицирано за еден басист.

Гитарата уште има што да каже

Стиви Ваи за него вика дека е „еволуција на гитарата“ а Ал Ди Меола тврди дека неговото свирење е „светлосни години напред“. Запознајте се со младиот Матео Манкузо од Сицилија, дечкото за кој викаат дека „ја редефинира виртузноста“. Дебитирал со само 12 години на локален фестивал со преработка на Хендрикс, денес има 26 години.

После Запа, сè е лесно

Не е чудно што Стиви Ваи има станато толкав ѕвер ако се знае дека помина како млад низ бруталниот дрил на најголемиот ѕвер - Френк Запа. Кога бил на аудиција кај него, Запа му барал да отсвири ова, да отсвири она. Кога дошло до нешто што Стиви не можел да го отсвири, 'гадот' му рекол: Ништо страшно, слушнав дека и на Линда Роннштад ѝ треба гитарист.

Стоунси се враќаат прејаки

После цели 18 години, Ролинг Стоунс вадат нов албум. Тоа може за обични смртници да е долг период, за Стоунси и за желки од Галапагос не е. ‘Hackney Diamonds’ ќе излезе на 20-ти октомври а вратата е веќе подотворена со првиот сингл „Angry“. Како песната? Како кога после којзнае колку време ќе пробаш патлиџан кој те враќа во детството.

Оливер Ентони, човекот што не успеаа да го претворат во расист

Пред 12 дена на Јутјуб се појави песната „Rich Men North Of Richmond“ на тема сиромаштија, депресија и безизлезност конкретно во САД, и незаинтересираност на богаташката и политичка како било да помогне, и како државата секој ден му тежи и го закопува обичниот човек. До денес песната има речиси 30 милиони прегледи.

Дај ми три збора да ти направам песна

Музика се прави за човек да си направи ќеиф на себе и на публиката, макар таа се состоела од само еден единствен човек. Како што тоа го направи овој млад и талентиран дечко. Е сега сигурно ќе се најдат некои кои ќе речат дека сме наивни и дека сето ова е наместено, ама Балашевиќ имаше добар опис за таквите: „да свакој бајци науде“.

Да ја молиш да ти каже нешто со пеење

Девојката има два гласа. Еден за зборување, друг за пеење. Ако ја слушнете како зборува, а зборува пискаво, пријателски би ја советувале да не ни проба да пее. Ама кога нема да послуша и сепак ќе запеее, слушате едно сосема ново, моќно грло. Жирито на Американски идол беше комплетно разоружано.

Ерик и Роби како Мирко и Славко

Оваа сцена од Last Waltz, апсолутно феноменалниот документарец на Мартин Скорсезе за концерното одјавување на The Band (веројатно најспремниот рокенрол организам на сите времиња) е позната како гитарскиот дуел меѓу Ерик Клептон и Роби Робертсон (драгоцен музичар кој почина деновиве на 80 годишна возраст). Само што не се работи за никаков дуел меѓу Ерик и Роби.

Баркод музика

Електроникос фантастикос е јапонски проект на вљубеници во музика, електроника и електрични апарати за домаќинство. Свират на што им дојде по рака, прават инструментални франкенштајни, знаат маст да им вадат на баркод читачи. Нешто како вонбрачно дете на Крафтверк и Блу Мен Груп. 

Брилијантна изведба на „Nessun Dorma“ во Ројал Алберт Хол

Безвремената арија од Турандот на Пучини, популаризирана од Павароти и Трите тенори, и натаму знае да наежи, особено на крешендото со она прочуено “Vincerò!” (Ќе победам). Во организација на КласикФМ, пред 5.000 луѓе, тоа беспрекорно го изведе Американецот Мајкл Спајрес, кој е и баритон и тенор. Оркестарот е на Англиската национална опера а диригент Пол Даниел.

Making of: 'Sympathy for the Devil’

Фасцинантни делови од филмот „Sympathy for the Devil’ (1968) на покоен Жан Лик Годар, за тоа како е раѓана, брусена, пеглана и шмирглана легендарната песна на Стоунси, процес во кој секој инструмент, миц-по миц, си доаѓа на место. Да го чуете Џегер на почетокот како ја пее,  добронамерно би му рекле дека нема баш песна тука. Ама, како што знаете, Ѓаволот си доаѓа по своето....

САД за Белафонте

Еден драгоцено топол момент од снимањето на „We Are the World“ (САД за Африка) во 1985 година, кога на присутниот крем на американската музика спонтано им дојде да му направат чест на Хари Белафонте, пејачот кој деновиве почина на убави 96 години живот. Фалиш Америко, кога си ваква.

Тајната на песните на U2

Прцање со стереотипноста на музиката и особено текстовите на бендот од Даблин кој некогаш донесе свежина но потоа стана некако преголем а Боно почна пресериозно да ја сфаќа својата улога во животот на оваа планета (мада, оној последниот албум со катаљарда преработени нивни песни добро ни легна). Дечкото го сконтал „рецептот“ на песните, плус фацата му е ултра-меланхолична.

Уште сега, 12 поени за Лет 3!

Со „Мама - ШЧ“ ријечките враголани Лет 3 победија на Дора и ќе ја претставуваат Хрватска на Евровизија 2023. Благодарејќи на Логин и една мала но упорна лоби група за нив, многупати ги имаме гледано и во Македонија.  Лет 3 се прекрасни будалетини кои беа „шокантни“ уште кога на Евровизија се носеа пуловерчиња. Едвај чекаме. „Мама - ШЧ“, бе! 

Го имате ли забележано Бах во Битлси?

Уште кога со Џорџ Харисон ги вежбале основните рокенрол акорди, на Пол Макартни му се има бендисано една хармонија од класичната музика, за која не ни знаел како се вика. По некое време, дошол момент тоа (Буре во Е-мол од Бах) да биде „прошверцувано“ во “Blackbird” од Белиот албум. Генијалности.

Музиката последна се гаси

Ќерка ја снима својата дементна мајка како е „своја на своето“ само кога ќе седне на пијано и беспрекорно ќе ги свири Шопен и Бетовен. Старата има 92 години, Алцахјмер кој прогресира и ова е една од ретките работи што умее да ги прави сама.  

Кое е твоето оправдување што не го слушаш Џони Кеш?

На неколкумина едноставни луѓе од племиња надвор од западната орбита, им ја пуштаат „Hurt“ на Трент Резнор, во нејзината најдобра форма, онаа на Џони Кеш (нема песна што тој ја има обработено а да не е подобра од оригиналот). Одвреме навреме им го паузираат спотот, да им објаснат текст и контекст. Наравоучение: од кое и племе да си, Џони Кеш ќе те дирне.