Што ги мачи мажите?

Проблемите со кои жените секојдневно се соочуваат во секоја сфера на животот не се решаваат „муњевитом брзином“, уште се мачиме. Но, заради природата на жените и општествените норми, се зборува за нив, добиваат медиумско внимание и постојат легитимни и нелегитимни организации што се обидуваат да ги направат видливи. За мажите, не баш.

И не зборуваме за мажите на позиции на моќ, кои си дозволуваат да одлучуваат и за животите на жените, за мажите што имаат платформа да креираат јавен дискурс и што носат закони.

Зборуваме за обични, најобични мажи. И имаат проблеми што не се крај на светот, ама сепак, се повторуваат. А во некои случаи, особено кога се работи за ментално здравје, знаат и баш да бидат крај на светот.

На редит-прашањето „Што најмногу ве нервира во машкото искуство?“ има освестувачки одговори. Па, во интерес на нашите браќа, татковци, партнери и другари, еве:

  • Најиритантно е натпреварувањето со другите мажи.
  • Фактот што се очекува да имаме храброст да им пристапиме на жените во бар, што не би било така страшно, ако перцепцијата на флертувањето не зависеше комплетно од тоа колку нѐ сметаат за атрактивни.
  • Да се бричиш околу адамовото јаболко без да си го отвориш грлото.
  • Се очекува сам да се справиш со нешта за кои женските би добиле помош.
  • Нарушувањата во исхраната кај мажите добиваат нула внимание.
  • Стигмата дека секогаш кога разговарам со жена, ѝ се пуштам. Сакам да разговарам со жени затоа што мажите не се отвораат за нивните чувства, а жените знаат да слушаат. Само ми треба пријател.
  • Купување облека. Во секоја продавница има мал дел одвоен за машки, и остатокот е за жени.
  • Не добивам комплименти од партнерката. И јас сакам да слушам фини работи за себе.
  • Ќелавост. Некои се снаоѓаат. Некои не можат.
  • Дека морам да молчам за тоа како се чувствувам во врска со моето тело.
  • Да ти судат речиси исклучиво врз основа на финансиската стабилност, во економија што ја прави финансиската стабилност многу тешка за постигнување.
  • Дека е социјално неприфатливо да се носи чанта.
  • Претпоставката дека затоа што сум татко, значи не знам, или не сум способен да се грижам за децата. Цело време ја прашуваат жена ми дали треба да трча до дома кога ќе ми ги остави децата мене. Не сум бебиситер, знам што правам.
  • Се очекува да сме секс-експерти.
  • Повеќето жени очекуваат да плаќаш за сѐ, цело време.
  • Не можеш да ги сокриеш недостатоците како што можат жените.
  • Да влезеш во јавен тоалет и да ти се лепат чевлите од засушената мочка на подот.
9 ноември 2021 - 10:56