Што е работата со #FreeBritney?

#FreeBritney не е само нејасна заебанција или интернет тренд. Многу е побитно и понепријатно отколку што сме мислеле. Диет_Прада е анонимниот интернет акаунт што служи како главен свиркач, пред сѐ за неправдите во модната индустрија, а после и за сѐ друго што е труло во американската естрада. Како на пример дека Бритни Спирс не смее ДА МРДНЕ без татко ѝ да и дозволи.

На нивниот профил, во неколку слајдови објаснуваат што точно ѝ се случува на Бритни Спирс и зошто треба да ѝ се помогне.

Замислете да заработувате милиони долари, а да не смеете да пречекорите праг без дозвола од старател, на скоро 40?

Бритни беше дете-ѕвезда што работи од своја четиригодишна возраст на Бродвеј, па после влегува во Мики Маус клубот, па на крај и во соло-кариерата што ја знаеме денес. Кариерата ѝ е на автопилот откако знае за себе. Ако ја земете нејзината музика за пример, константно преку нејзе сака да каже дека ја контролираат и ја третираат како производ - пример, наслови на песни како Lucky, Overprotected, My Prerogative, Circus, Piece of Me, Gimme More. Нејзините спотови, постови на социјални мрежи, реквизити за турнеја и фото-сесии постојано ја прикажуваат во кафези и синџири. Ако имате видено клипови од нејзе кога била помала, ќе забележите дека нејзиниот ВИСТИНСКИ глас е многу сличен на Кристина Агилера. Продукциската куќа не е воодушевена од тоа затоа што и двете се во Мики Маус и и двете треба да пуштат албум во исто време. Од тие причини одново ѝ го тренираат гласот за да се претвори во оној бебешки глас што ни е познат затоа што сметале дека така ќе креира бренд и кариера, наместо со вистинскиот глас. Тоа е нездраво и на тој начин гласот ѝ се уништува со години, затоа и е позната по лип-синк. Во 2006, сакала да сними акустичен поп-албум со наслов Original Doll и кога издавачот сфатил дека ќе биде со нејзиниот вистински глас, го ставил во фиока и го откажал. Не ѝ е дозволено да пее во живо затоа што или ќе биде ужас, или ќе мора да пее со вистинскиот глас по кој не е позната. Целата нејзина кариера се третира како производ за продавање.

Е сега, „јакото“:

Сите го паметиме сломот во 2007. Сите. Непосредно пред тоа, Бритни поминуваше низ многу јавен развод, имаше две деца помлади од 2 години и беше главен фокус на јавноста. Ја имаше на сите можни насловни на таблоиди. Ја имаше и сликата кога вози со детето во скут. Ако на Јутјуб отворите „Бритни Спирс папараци“, ќе најдете стотици видеа од луѓе што ја бркаат, дури и во јавен тоалет да ја сликаат, ја снимаат во солзи како ги моли да ја остават на раат, дури и ја снимаат преку прозорците во амбулантна кола, гола кога ја носеа откако имаше нервен слом. После тоа, плус бричењето на главата, заклучувањето дома со децата, зборување со британски акцент, носење розева перика насекаде и пазарење гола, два пати беше хоспитализирана.

После тоа хоспитализирање, татко ѝ судски побара да ѝ стане ПРИВРЕМЕН старател додека не стане ментално стабилна - во рок од една година. Два месеци после хоспитализација, се појави како гостинка во „Како ја запознав мајка ви“. Шест месеци подоцна направи нов спот и почна да го промовира албумот „Циркус“ со светска заработувачка од 131.8 милиони долари.

Ако ѝ е толку лошо, зошто почнала веднаш да работи?

Откако помина таа една година, татко ѝ повторно се обрати на суд, за старателството да стане трајно, поради НАВОДНАТА РАНА ДЕМЕНЦИЈА во нејзините 20-ти години. Му поминало и од тогаш е така - цели 12 години.

Ако не разбирате што значи тоа, да го расчлениме:

Бритни Спирс сега е 38-годишна жена што не смее да ги направи следните работи без татко ѝ да ѝ дозволи, или правец - ментална институција:

  • да вози
  • да гласа
  • да се мажи
  • да раѓа
  • да троши СВОИ пари
  • да знае како ѝ се трошат парите
  • да си ги гледа децата (има 30% старателство затоа што татко ѝ нападнал еден од синовите)
  • да си ја контролира кариерата
  • да зборува за старателството јавно
  • да дава интервјуа што не се по сценарио
  • да користи мобилен без надзор
  • да контактира БИЛО КОГО без надзор
  • да оди на шопинг
  • да прошета
  • да оди до Старбакс

Овој тип на старателство (conservationship) служи за луѓе со проблеми со ментално или неповратно влошено здравје, поточно, за баби и дедовци или луѓе што стварно имаат деменција, што на нашки би му дошло како „дочувување“. За луѓе што буквално не можат да се грижат сами за себе. Ако Бритни не ја бива здравствено, или да може сама да прави нешто, зошто уште работи?

Инаку во последниве 12 години откако трае ова, Бритни:

  • сними 4 албуми
  • направи 3 светски турнеи
  • настапуваше редовно во Вегас 4 години
  • беше судија на Икс-Фактор фултајм
  • направи колекции за долна облека и парфеми
  • заработуваше околу 138 милиони долари годишно

Минатата година во јануари, ја ставија во ментална институција и седеше 3 месеци затоа што се осмелила да вози со дечко ѝ без дозвола од татко ѝ и одбивала да ги прими седативите што ѝ ги даваат за да ја држат под контрола. Пред судија сведочеше дека татко ѝ ја држи против нејзина волја. Откако протече во медиуми дека ја држат, се појави движењето #FreeBritney и поради тоа, еден судија отвори истражување за легалноста на старателството и какво влијание има врз нејзиниот живот. И мајка ѝ се согласува дека му е затвореник на татко ѝ.

Тимот на Бритни на Твитер го уништи хаштагот #FreeBritney и постојано се закануваат на секоја можна славна личност што ќе каже нешто јавно.

Ја снимија како излегува од хотел преку предна врата и како се сопнува, па го искористија тоа да „докажат“ дека ѝ треба чување.

Замислете да се сопнете и некој да рече „аха, будала, марш под клуч.“

Секоја година плаќа милион долари за старателството да продолжи, а на татко ѝ му плаќа 100.000 долари плата и адвокат што не ѝ е дозволено да го избере. Нејзе ѝ даваат 1500 долари неделно за сметки, шопинг и основни потреби. А нејзини се 250 милиони долари на сметка.

Затоа кога коментираат луѓе на Инстаграм како се шета по ходници како на ревија - САМО тоа ѝ е дозволено да прави. Никогаш немала контрола над сопствениот живот. Без разлика дали ви се допаѓа нејзината музика или не, НИКОЈ ОВА НЕ ГО ЗАСЛУЖУВА. Жената само сака да си ги види децата, да прави музика каква што сака и да оди да си нарача фрапучино за во кола. Таа е зрак светлина во овој свет и мораме да ја заштитиме по секоја цена. Затоа, ве молиме, не ја исмевајте, поддржете го движењето #FreeBritney и праќајте ѝ позитивни мисли. Овој месец има закажано на суд за одново разгледување на старателството и ќе се реши дали е злоупотреба или ќе продолжи така.

#FreeBritney

diet_prada

16 јули 2020 - 15:36