Ајзак Џармен вели дека човекот што ги купил неговите карти „буквално му го платил школувањето“. На неговиот ТикТок споделува и дека би сакал да присуствува на концертот, ама и 14.000 долари се фина работа.
Четиринаесет илјади!
Имал седишта за четврти ред, што е многу блиску до сцената, картите од старт се прескапи, па ова и како да не е некое особено изненадување кога се работи за Тејлор Свифт. Ако наши, локални деца се спремни да дадат 400-500 евра плус пат и смештај за европската турнеја догодина, што останува за странски деца од ситуирани семејства?
Сепак, публиката е поделена. Еден од коментарите е „За 14.000 има да се дружам цел ден со Тејлор.“
Се бунат и дека не е фер и дека на тој начин се ограничува искуството на луѓе што имаат многу пари. Ама дечкото има непробоен аргумент:
„Ако некој ти понуди 14.000 да не одиш на концерт, не одиш.“
Парите ги нарекува „Школарина Тејлор Свифт“. Малку е разочаран дека нема да го следи шоуто од четврти ред, ама не е страшно, затоа што веќе има карти за друг концерт на Свифт, иако се многу далеку. За првите, кои ги добил на лотарија од Тикетмастер бил многу радосен, ама видел дека луѓето ги продаваат за ненормални суми.
„Видов дека ги продаваат за по 6000 долари и си реков нема шанси да не ги продадам. И онака бев спремен да одам со карти за седење најдалеку и да си поминам одлично, така што не мораше тоа да се смени. Сепак, сѐ уште се надевам дека ќе добијам можност да ја видам Тејлор Свифт од толку блиску.“
Не е ни прв, ни последен - една жена од Оклахома на Етси прави нараквици на кои ниже монистра со букви - наслови од песни на Свифт и има заработено 16.000 долари.