Вториот филм од ревамп-трилогијата, „Ноќта на вештерките убива“ излезе сега, но луѓето, исто како тие што ја изгледаа третата сезона „You“, веќе се вртат кон претходно најавениот последен дел од серијалот.
Столбот на франшизата, Џејми Ли Кертис не открива многу за последниот дел, но мисли дека фановите, ако ништо друго, ќе имаат баш висцерална реакција.
Во изјава за НМЕ, Кертис вели дека
„Има уште еден филм за правење и знам за што се работи и ќе ви прсне главата.
Многу ќе ги налути луѓето и ќе биде шокантен затоа што поставува многу прашања.“
И вториот и третиот дел (…Убива и …Завршува) ги најавија во 2018, откако првиот стана слашер со најголема заработувачка, надминувајќи го и (зар е можно?!) рекордот на „Вресок“ од 1996. Требаше да бидат готови во 2020 и 2021, но сега ги снимаа наизменично.
Во Halloween Kills, наративот продолжува директно од таму каде што застана во 2018; Лори Строуд, нејзината ќерка Карен и внуката Алисон продолжуваат да се борат со серискиот убиец Мајкл Маерс кој се враќа во Хадонфилд на 40-годишнината од првите убиства. За да излезат на крај со навидум неубивливиот Маерс, Лори и семејството се здружуваат со остатокот од Хадонфилд за да го егзорцираат духот на нивната заедница еднаш засекогаш.
Halloween Ends ќе излезе во (се разбира) октомври 2022 и режисерот е истиот од првите два - Дејвид Гордон Грин.
Инаку, за фановите на вакви работи - доаѓа и петти „Вресок“ што ќе биде малку продолжение, малку обновување на приказната.