сеќавање

Никола Младенов 1964 - 2013

* Дел од воведниот текст за првиот број на Фокус, отпечатен на 23.06.1995–та.

Несомено, принципот на „земање страна" е погубен. Ниту власта ја „исцицала" сета белосветска мудрост, па, станала безгрешна, наспороти, како што е веќе констатирано – „аналниот" карактер на опозицијата, ниту, пак, опозицијата е одлично решение, само затоа што, се уште, не дошла во шанса „дебело" да се извалка. Тешко е и да се помисли дека постои политичар, кој не би сакал да има свои новинари, кои ќе „прикочуваат" пишувајќи за неговите маани. Тоа, пак, не значи дека на македонскиот новински пазар нема место и за новинари кои својата успешност ќе ја мерат според „слободниот пристап" и минутите поминати во некој важен кабинет. Само сакав да кажам дека ние не го бираме тој пат, иако бројот на оние што „сигурно знаат" кој стои зад нас ќе биде огромен. За едни ќе бидеме „факелот на слободата", за други „продадени души". Сепак, добро ќе е со секој нареден број, носителите на изјавите од тој тип да се разуверуваат во таквата црно – бела шема на некритична љубов или омраза, се додека не сфатат дека „Фокус" е отворен простор и за нивниот „случај", без оглед на нивната партиска определеност.

Нашиот слоган – Неделник на внатрешниот, а, богами, и надворешниот непријател! – е токму ироничен одговор на несносливата атмосфера во која – или си „наш", или, пак, „душман „, кој треба да исчезне од земјината топка, барем во отсекот – Македонија. Амбиентот на барање „светци „и „шпиони „треба да се разградува. Едноставно, немаме толку лудост во себе за да ја поделиме државава на пробугари и србокомунисти, на пример. Ни недостасува и илузијата дека со текст – два можеме да ја урнеме власта, или, пак, барем некое министерче. Истото важи и за опозицијата, која сигурно нема да направи некој радикален пресврт во своето делување само затоа што „Фокус" тоа го барал од неа. Едноставно, тие постојат за да прават глупости, а ние за да пишуваме за нив, со надеж дека секоја нивна следна ќе биде барем помалку тешка од претходната. До денот кога и Македонија ќе се здобие со јавност, создадена од безброј автономни личности и институции, чиј глас ќе биде значаен за секој политички субјект во земјава. За таа цел, помогнете му на „Фокус", за тој да ви помогне Вам, кога, можеби, ќе се најдете во ситуација на неможност Вашиот проблем да ги надмине просторите на семејната анонимност. Со Господ напред!

Никола Младенов

29 март 2013 - 08:46