Балканштина

Дачиќ, после громот

Или оној гром сепак го има цимнато и Дачиќ (а не само неговиот авион) па од електричното празнење му се имаат споено пар жички, или пак тој гром само му помогнал да се соочи со ништавноста на човечкото битисување па решил дур е време да си каже она што му лежи на душа. Добра вест за ЕУ е што овде никој нормален не се пали на Дачиќ, лоша вест за ЕУ е што овде толку ни е збоктисано од нејзиното лицемерие и препишаните терапии, што на нормален човек дури и Дачиќ може да му прозвучи како луциден дијагностичар.

Зомби туризам во Албанија

Ако она искуство на странски туристи во ресторан во Пештани беше непријатно за замислување, чекајте да го видите овој хорор: група шпански туристи му викаат на газда на ресторан во Албанија дека храната не му е добра и дека не мислат да платат за она што не го нарачал. Следната сцена е, тие избезумено возат барајќи полиција додека закачен на хауба им е оној газда претворен во зомби.  И со сè покрвави раце им ја дере шофершајбната...

Милан, од тарот до просветител

Иако по сопствен избор се занимава со џганот на овој свет, капа долу што своето инфлуенсерство знае да го искористи во едукативни и општествено корисни цели.

Бобане, мрдни БМВ-то

Сцена од свадба или слична теревенка. Вообичаено е надвор на паркинг некој некого да заглавил со кола па да треба да ја мрдне колата па тоа да го кажат на микрофонот. Зошто да го кажат кога може да се испее?