Балканштина

Две работи за метрото во Солун

Солун (е наш) конечно доби метро на кое за 9,6 километри дадоа ѓавол ипол пари (три милијарди евра) а се градеше цели 38 години. Некои враголани за два дена го хакнаа. Втората работа, Бојко Борисов се чалами дека тој една станица од софиското метро ја правел за 26-40 милиони а Грциве ги чинело по 300 милиони комад.

Доктор Арсланагиќ за загадувањето

Нај-нај сетапот на Топ Листа, кога Ѓуро (со мрежа на косата), Неле и Минка седат во дневна и јадат бабури. Тема: воздухот и колку Сараево е зaгадено, на што инсистира Минка („у три сам га воде прала“) а цреповите имаат поинакво гледање (скопски: ене им го Водно па нека трчаат). Крајот стандарден, со мудрост од Арсла (бог) која, во случај да не ја дослушувате, гласи: „Прдно Махмут, не може се дахнут“. Нема, нема појаки будали!   

Гениј во беда

За Небојша Милошевиќ од една недојдија во Србија се вели дека има 203 квоциент на интелигенција. Уште кога бил во војска имал три патенти, за неговите изуми била заинтересирана НАСА, ги има подобрувано југословенските тенкови, го има смислено оној „ретардер“ кој го користат тешките возила и осмислено менувачот на Југо. Живее во куќа која сам ја изградил, со пензија пет пати помала од националната.

Раде го рецитира Кристијан

Каков прекрасен каламбур и постомодернистичко фузирање на неспоиви светови! Од една страна го имате Раде Шербеџија со неговиот сонорен глас и драматична театралност, овековечени со онаа негова легендардна изведба на „Не дај се, Инес“, а од друга, Кристијан Голубовиќ, некогашен белградски кримос а потоа станар во имбецилни реални шоуа и забавувач на масите со своите „ловечки“ приказни и претерувања. Сакаме турнеја!

Winter is Coming

Прилогот започнува со фамозната реплика на Џон Сноу од мега популарната серија Игра на тронови. Веднаш потоа почнуваат исто така препознатливите звуци од серијата, но овојпат, отсвирени на хармоника. А каде е хармоника, тука настанува пресврт. После тоа прилогот почнува да замирисува на, од други места, познати сцени. 

За кулен е потребно весело срце

„Не е финта јас да ги земам парите а тие да отидат дома со празни гаќи,“ вели за својата екипа дечкото кој го прави најдобриот кулен во Банат и Србија. Гладот и сиромаштијата го натерале на оваа работа а процесот го опишува поетски нежно: се почнува со една „ракииштина“,  за да почне „срцето малку повесело да чука“. Нема подобра мотивација од ова да се напуштат градските срања.

Колку чини еден тенк?

Хрватска даде огромни пари за набавка на модерни тенкови (оние тешкаши кои во Украина масовно страдаат од евтини дронови). Бидејќи и ние држиме до „НАТО стандарди“, а милионите звучат апстрактно, објаснува пратеничката Ивана Кекин: еден тенк се 80 уреди за магнетна резонанца, или пет градинки, или 230 нови станови, или 100 готови специјализанти или годишен топол оброк за половина средношколци.... Еден тенк! А купија 50.

Бугарски крик за помош до Илон Маск

Бугарија останува најсиромашната земја на ЕУ, задавена од олигархија, мафија и контролирани медиуми, објаснува младиот Радослав Иванов. Сето тоа се одвива пред очите на Брисел, американската администрација на Бајден и нивниот амбасадор во Софија. Зошто до Маск? Затоа што даде 44 милијарди долари за Твитер знаејќи дека ако нема слобода на говор, паѓаат и сите други прав, паѓа демократијата.

Господе, дај му нерви на овој татко

Фер е да ја прошириме нашата молитва, да им се даде нерви и трпение на сите родители кои вежбаат школски задачи со своите деца. Додуша, памтиме и неа како ѝ е, бидејќи многупати сме биле во слична ситуација. Кога си мал, имаш некоја математичка задача пред себе а појма немаш за што се работи и на каде да тргнеш.