Балканштина

Малата веќе има диплома, само не знае за тоа

Ако школото не служи да го наполни детето со куп информации, туку да го развие неговото мислење и снаоѓањето во нови ситуации со веќе стекнати знаења, тогаш ова девојче е многу понапред отколку што мисли дека е. 

Катастар на унгарски начин

Ние имаме Итар Пејовштина, тие имаат Виктор Орбановштина. Со тоа што во споредба со нивниот, нашиот итрец беше господин човек. Еве што направиле: бодликавата ограда за бегалци не ја направиле на самата граница со Србија туку пар метра во унгарска територија. За кога ќе ги протеруваат, да кажат дека не ги протеруваат. А ние на времето мислевме дека со Маџар телеком ќе се надмудриме. 

Отпор, стоко

Предизборен постер на денот: босански, на тема купување гласови за избори и споредба на цените, изразени во конвертибилни марки.

Споменици и луѓе

Малку чудно склопен но занимлив странски документарец за овие простори. За социјалистичките споменици од времето на Тито (Тјентиште, Кадињача...) и луѓето кои денес живеат во нивна близина. При што ти останува дилема кој повеќе е запуштен: спомениците или тие луѓе.

Нашиов ништо не направил

Таман ќе си најдеме некоја пролазна политичка симпатија а тој велелепно ќе пропадне. Стигнаа резултатите на Константин од Теслиќ. Балканот ќе си тера по старо.

Еве лабаво, со Ламборџинито во претсобје

Се пишува за ова на Балканов деновиве, за албанскиот милионер кој си изградил помпезно грда реплика на Белата куќа. Куку ноне, па овој со наш Роџер да се фатат, може чуда да направат. Сакате да ѕирнете? И да не разбирате албански (на кој се темели видео презентацијата), ќе разберете, уметноста си има универзален јазик.

Риалити, будали сме и ја и ти

Кој рече дека веќе не постои ангажирана музика? Еве една жестока анти-химна на популарните тв форми - реалните шоуа. Новиот Џони Штулиќ се вика Зока Босанац. Со тоа што, ќе видите и сами, какво време, таков Штулиќ.

Црногорскиот Џим Морисон

Јес да се тотални клошари и шалабајзери, има тука некој шарм. Овој што го викаме Морисон е уствари Декстер, вториот е Стејси Фикс а третиот - Филип Ќировиќ.

Југословенска „Tоп тема“

Одлична словенечка емисија за последното претседателство на СФРЈ. Гости: Тупурко, Месиќ и Богиќ Богичевиќ. Многу интересни детали за драматичните моменти од функционирањето на тоа подржи-потегни тело на кое му се падна да ја изгаси сијалицата. Штета, да беше и оној балван Борисав Јовиќ, емисијата ќе беше уште поинтересна. Ќе гунѓаше и ќе дигаше веѓи, а Сејдо Бајрамовиќ ќе климаше со глава. Какви ликови беа тоа!

Босанско хорор лето

Преработка на Summertime од босанката Хана Ковачевиќ. "Знам дека сум чудна. Извинете што не гледам во камерата бидејќи го следам текстот на друг монитор. п.с. намалете тон, има врескање. п.п.с. на крајот скроз зезнав", наведува Хана во описот на клипот.
п.с Хана е самокритична.
п.п.с. Хана е премалку самокритична.