Балканштина

И како сакаш да не заостануваме зад светот?

Со Свети Никола почнува убиствена серија софри и пијанки на кои се јаде и пие како да нема утре. Овој Божиќ, оној Божиќ, Нова година, втор ден Нова година, Бадници, паричиња, Василици, реприза на Нова година, Водици... Месец дена во годината, со најголема страст и задоволство се убиваме на овој калориско-алкохолен маратон што значи дека на 10 години, ние цела една година губиме на тоа. Е, јеби га.

Да се дотепаме: Ариза и Џони

Песната на Ариза е љубовна, под-жанр: изневереност. Џони е тој што шара а Ариза пати, со повремени идеи да извади калаш. Со задоволство ќе ве препуштиме на спотот на песната во која таа ѝ се жали на мајка ѝ дека Џони ја вара со - Лазо! Зошто го правиме ова? Ви пишавме во наслов, за да се дотепаме. Ах, кога ќе се сетиме дека на времето некои се скандализираа од „Retko te viđam sа devojkama“.

Слободен проток на невкус

На нашата чуденка „Како ли се раѓаат идеи за вакви умотворби?“, по повод песната на Христијан Божиков Кико - Нашата фирма, читател ни пишува, не се раѓаат, туку доаѓаат. Од исток. Па ни ја пушта „Най-добрата фирма“ на извесен Стораро и уште поизвесен Џамајката. Гледате, со Бугарија немаме ни автопат ни железница, па сепак шкартот нема никаков проблем за слободен проток. Добра вест: бугарската песна е полоша!

Гљива го потепа Шериф

Ликови во оваа сторија се прочуените Назиф Гљива и Шериф Коњевиќ. Ако првпат слушате за нив, јбг. Сепак, тоа е само културолошки хендикеп кој не пречи да се ужива во сочноста на раскажувањето на Назиф Гљива и неговиот карактеролошки опис на Шериф Коњевиќ. Партали! Можете да замислите некој од овдешната естрада вака шеретски да заведува со оговарање колега? Не можете.  

Плачи ми брате, плачи ми Картело

Пред пар дена, државната изборна комисија на Хрватска објави листа од осум претседателски кандидати кои ќе се тркаат на претстојните избори. Еден од нив е Нико Токиќ Картело, 58 години, од Загреб, бизнисмен, сопруг, татко и емотивец. Прво што направи беа две работи: се расплака од радост и низ солзи, на мајка му ѝ порача: Мајко, успеав, ќе бидам кандидат, ќе бидам претседател на Република Хрватска!

Дали Куранот дозволува чупање МЕЃУ веѓи?

Да, тоа е едно од безбројните блесави прашања кои му се поставуваат на Елведин Пезиќ а овој со најголема сериозност им одговара, толкувајќи им го Куранот. Додуша, ние првпат разбравме и дека чупање веѓи не му било по воља на Алах (зошто, побогу?) ама сега тема е оној простор меѓу нив. Може, галантно дозволува Елведин, ама стриктно во средина, да не се забегува лево - десно!

Две работи за метрото во Солун

Солун (е наш) конечно доби метро на кое за 9,6 километри дадоа ѓавол ипол пари (три милијарди евра) а се градеше цели 38 години. Некои враголани за два дена го хакнаа. Втората работа, Бојко Борисов се чалами дека тој една станица од софиското метро ја правел за 26-40 милиони а Грциве ги чинело по 300 милиони комад.