Балканштина

Србија после отказот за професорите

Претседателот Вучиќ и премиерот Вучевиќ малку играат „лош полицаец - добар полицаец“. Премиерот се закани дека просветните работници кои во второ полугодие ќе продолжат со бојкотот и нема да држат редовна настава, ќе добијат откази. Ден подоцна, Вучиќ ќе рече дека не е тоа добар пристап, дека со нив треба да се разговара.... Додека трае тој игроказ, веќе се замислува најавената иднина.

Че видиш свет

Тоа е насловот на оваа врањанска верзија на бајката за Аладин, испеана на тој шармантен јужносрбијански дијалект кој ни е близок бидејќи е имун на падежи. Аладин на својата драга ѝ нуди да излезе од дома и со летечкиот килим заедно да го видат светот и неговите чудесии. А чудесии има, особено во стиховите на песната и опишаниот „подобар живот“.

Има работа, на кој му се чешка

Во Белград отвориле салон за чешкање, наречен „Чешкалница“. На почетокот клиентите баш и не го разбирале концептот, ама после го разбрале -  те чешкаат. За да звучи појако, чешкањето го викаат терапија а таа да ти помагала за анксиозност, депресија, го подобрувала спиењето. За да не фантазира некој премногу, нека се сети на стихот на Брега: Такви сми ми Срби, затоа нас и сврби.

Дали мозокот на Марко е рамна плоча?

Сега ќе видите колку Рамбо Амадеус беше во право кога викаше дека разговорот секогаш се води на нивото на поглупиот. Разговараат физичарот и научен новинар Слободан Бубњевиќ и Марко Булат, фолк пеач кој има пеено - ехееј! - на сплавот Лукас! На тема дали Земјата е тркалезна или рамна. Кога некој е сељак, сељак е уздуж и и попреку.

Старовремско упатство за какање

Порано по брзината со која човек ја завршувал таа работа, луѓе оценувале дал е вреден или не. Денес таму се скрола, се пуши... српскиов сељак се чуди дали e отидени на софра или на серење. Па замислува како би било тоа кај него, во нужникот позади куќа (според старото правило, не можеш и да јадеш и да сереш под ист покрив). Пет цигари таму да испушиш, во несвест ќе паднеш. Пишурија.

Вучиќ дури сега треба да се насекира

Точно е дека актуелните протести и блокади стануваат сè помасовни (бахат каков што е, Вучиќ на почетокот ги исмешеваше дека нему и коктелите му се помасовни) но имал тој и помасовни протести, па умеел да ги издише (со онаква разрока опозиција, јака ствар). Но, ако вака почнува да зборува една Јована Јеремиќ, која непогрешливо го осеќа пулсот на народот а досега беше беспоговорен мегафон на владејачките наративи, тогаш можеби работата е врвка. 

Драшко контра Додик

Одамна трае дуелот меѓу Милорад Додик кој ја држи власта во Република Српска и Драшко Станивуковиќ, кој им го одзема бастионот Бања Лука. По одлуката на владата на РС да го намали приходот од ДДВ за Бања Лука за околу шест милиони марки, Станивуковиќ тргна во контра: на владините институции им се кине греењето и уличното осветлување а владиниот паркинг за 300 коли се затвора и се прогласува пешачка зона, за функционерите да пуштат нога.

Краток српски дијалог на барикадите

По којзнае кој пат, Белград деновиве е блокиран. Како и со секоја блокада, секогаш имате две страни. Едната се оние што не можат да стигнат кај што наумиле, а другата оние кои се чудат на себичноста на овие првите кои само своето гајле си го гледаат. Тоа обично звучи вака: