Излегуваме од Гемиус

Интернет метриките со години се еден од константните проблеми во македонскиот интернет простор кој постојано внесува разни конфузии и недоразбирања, како кај читателите така и кај огласувачите.

Своевременото доаѓање на Гемиус кој се занимава со оваа проблематика, сите го поздравивме гледајќи во него надеж дека со професионален однос, јасна методологија и прецизни и објективни алатки ќе се внесе ред во мерењето на интернет посетеноста и читаноста на македонските веб сајтови и портали.

Една и нешто година подоцна, премалку се направи во тој поглед. Ние на Гемиус му дадовме целосен пристап до нашите веб сајтови, очекувајќи да добиеме јасни и доверливи резултати кои никој нема да ги оспорува. Меѓутоа, од другата страна како да немавме соговорник, некој што стручно ќе ја опише методологијата и ќе ги презентира податоците објаснувајќи ги отворените прашања, меѓу кои најчестото е како и зошто се случуваат големи и чудни разлики меѓу податоците од Гемиус и оние кои редовно ги користиме од сервисот Гугл Аналитикс.

Неодговорените прашања, нередовните извештаи кои еднаш пристигнуваат на 10-ти а другпат на 25-ти во месецот и инсистирањето овој сервис да почне да ни се наплаќа без претходно да бидеме уверени во професионалноста на добиената услуга, не наведоа да излеземе од Гемиус.

Иако поради нашиот отпор кон првичната цена, Гемиус ни понуди попуст на цената, не сме убедени дека тие се подготвени да изградат сериозен однос со нас како клиенти и да ни помогнат да го форматираме македонскиот интернет пазар според општо прифатени критериуми.

Затоа, сакаме да ја информираме јавноста и нашите читатели дека не сме веќе дел од мерењата на Гемиус на кои им посакуваме многу среќа во работата.

Со почит,

off.net.mk
kajgana.mk
on.net.mk
mkd.mk

17 февруари 2014 - 17:05