Балканштина

Да му веруваш на дедо Џеј

Го прашуваат Џеј што би му рекол на својот омилен внук ако некој ден би му дошол и би му кажал дека се дрогира. Не го знаеме омилениот внук, ама малиот треба да е среќен каква водилка има во животот.

Сарајлија на денот

Од неодамна во Сараево им зачукаа казни (250 евра) за неносење маска на отворено. Од обврската се ослободени само спортисти кои тренираат. Така ли? ОK, дисциплината која овој спортист ја тренира е „трчање покрај цајкани на ултракратки патеки со зембиљ во рака“.

Бугарите си ги најдоа корените и ние им се радуваме за тоа

Да не рече некој дека одиме контра сè што доаѓа од Бугарија, еве да се придружиме со честитки кон овој нивен свечен настан на „откривање на прабугарската јурта“. Што е јурта, ќе праша некој наивен Словен. Зборот доаѓа од туркиските јазици и означува дрвена конструкција обложена со покривки, живеалиште за номадските народи во степите во Монголија и Средна Азија. Мили наши соседи, ви посакуваме никогаш да не ги заборавите и да не се откажувате од своите корени.

България като циганска държава

Сажаљеваме ама така гласи оригиналниот наслов на овој бугарски ТВ прилог за репортажата на монтипајтоновецот Мајкл Палин од Бугарија. Со хроничен проблем околу авто-перцепцијата, нашите соседи се скандализирале што Палин кај нив видел многу Роми. Пошто тие себе се гледаат саде аристократи като Каракачанов и саде префинети като Борисов.

Македонија и Босна, исти какањ

Прво слатко да се изнасмееме што во гратчето Какањ во Босна и Херцеговина, локалните власти приредиле свечено отворање на - контејнер. А потоа горчливо да се потсетиме дека ние овде баш и немаме многу кредит да им се смееме на други. 

Си бил еден косовски татко на две деца....

Наим Мурсели од Косово е 29 годишен татко на две деца кој се претставува како политички советник и претприемач. Горд признава дека ги потрошил своите заштеди за да го откупи најскапиот и наголемиот болборд кај приштинскиот аеродром. За што? За да му посакал на Трамп брзо опоравување. Леле еден ден кога ќе пораснат децата....