Балканштина

Шокантно: Ракета може да убие човек

Воена дописничка од Дубаи објективно ја доловува драмата која се случува на Блискиот исток. Бескромпромисно открива дека има војна меѓу Америка и Иран при што сите  оние ракети и авиони кои прелетуваат над Дубаи и Абу Даби, се судираат во воздух и доаѓа до експлозии. А кога таа ракета или што и да е, ќе падне на земја, може и да усмрти некого. 

Банско со боксови се брани од еврејски песни

Група израелски туристи деновиве биле претепани во Банско. Рчката настанала кога овие почнале да пеат песна за Тел Авив, некој од локалците фатил да пцуе и по нив и по Тел Авив па станал русвај. Еден од Израелците кој се обидел да ја де-ескалира ситуацијата завршил во болница со фрактури на черепот и скинати синуси откако добил по глава со скијачка чизма.  

Бугарите имаат МАСА

МАСА е бугарска подружница на НАСА, меѓугалактичка асоцијација на алкохоличари што обединува суштества од целиот универзум на кои заедничка љубов им е алкохолот. Во присуство на големи количини ракија, групите на МАСА расправаат за квантни прашања и дилеми од време-простор континуумот. Можевме ние да се сетиме на ова, џабе ли го имаме она М?

Кладилниците растураат фамилии

Човекот 17 години им помагал на луѓе со зависност од супстанци за да сфати дека со невидена брзина се развива една нова зависност која знае да донесе многу поразорни последици по поединецот, семејството, општеството. Затоа го основа проектот „Крокодили долазе“ (да живее Ел. Орг.) против неетичкото рекламирање обложувалници и за борба против зависноста од кладење од која се трга потешко и од дрога. Освен ако немаш дојава.

Чудна јада 2.0

Стариот мост во Мостар е иконична османлиска градба преку Неретва, симбол на градот и светско наследство на УНЕСКО. Спомнат и од Евлија Челебија, тој издржа 427 години пред да биде уништен во војната во БиХ, за што беше обвинет хрватскиот генерал Праљак кој, извикувајќи дека е невин, се самоуби со отров среде хашка судница. Деновиве мостот имаше интересен посетител. 

Идиократија не беше научно-фантастичен филм

Горан Субашиќ е шибенски музичар, светски патник и редовен учесник во хрватски квизови. На неговото последно учество во квизот Потера се покажа и како јак трол претставувајќи се како цвеќар кој има 65 години! Луѓе побрзаа да ја дознаат тајната на неговиот младешки изглед за кој рече дека користи „некои креми кои не се баш легални“. А нема тајна. Горан Субашиќ има 45 години.