Вработени
Во периодот јануари – септември 2023 година во АЛКАЛОИД АД Скопје е реализирано 191 ново вработување во РС Македонија. Со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, во март 2023 година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата, во висина на нето-износот од 36.500 денари. Групацијата АЛКАЛОИД брои 2.787 вработени, од кои 2.122 се во земјава, а 665 се вработени во подружниците во странство.
Податоци за акциите
Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на Берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – септември 2023 година се движеше од 17.199,00 до 18.400,00 денари или просечно 17.682,15 денари за една акција. На 30.9.2023 година акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје беа во сопственост на 5.448 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше повеќе од 25,2 милијарди денари.
Бизнис-план за 2023 година
Бизнис-планот за 2023 година, донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на 29.12.2022 година, предвидува инвестирање на околу 11 % од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, раст од 10 % на консолидираните продажби во однос на 2022 година, како и раст од 7 % на консолидираниот профит пред оданочувањето, во однос на 2022 година.
Бизнис-планот за 2023 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2023 година, а со тоа и остварените резултати, може да варираат во однос на прикажаните во бизнис-планот.
Очекувања за претстојниот период
Во изминатиот период друштвото се соочи со голем број интерни и екстерни предизвици и новонастанати ризици генерирани од енергетската и од економската криза. Презедовме голем број мерки во досегашниот период со цел неутрализирање на сите негативни ефекти, без притоа да се загрози успешното работење на друштвото.
Во согласност со очекувањата, она кое доминираше во 2022 година, а кое продолжува и во 2023 година е забележителниот раст на цените на голем дел од влезните суровини и материјали и на енергенсите, како и порастот на цените за транспорт на глобално ниво, а особено значителните пролонгирања на роковите за испорака.
Сето ова влијаеше и врз стапката на инфлација, која достигна високо ниво, но и врз намалената предвидливост за нејзините идни трендови. Во исто време, каматните стапки на регионалните и на европските пазари достигнаа рекордно високо ниво во последните неколку години, што дополнително ги оптоварува оперативните трошоци во работењето. Покрај сето тоа, изразената неизвесност на глобалните економски текови доведе и до варијабилност на повеќето национални валути, што значително го зголемува ризикот од негативни курсни разлики во работењето.
Како најголем предизвик и како прв приоритет за периодот што доаѓа и натаму останува грижата за здравјето на вработените, како и одржувањето на тековната ликвидност и на финансиската стабилност, но и остварувањето на планските цели.
(Комерцијален текст)