30-ти мај, Школка, Македонски Алтернативни Награди и настапи во живо

Во рамките на првите македонски алтернативни награди, на 30 мај, на Школката што многу ни значи во Градскиот парк, ќе се доделат наградите за особен придонес во развојот на македонската алтернативна музика. На првиот М.А.Н. се доделуваат 33 награди.

 

Со настап во живо, ќе не почестат дел од наградените изведувачи: Гиш (La Colonie Volvox), Верка, КУР, Ласт Експедишн, Лоши Деца, Џака Накот, Гуру Харе, Конкуеринг Лајн, Санаториум и Чиста Околина.

Овие награди, музички ќе бидат збогатени од следниве бендови, артисти и диџеи:
Хроматик Поинт, Бета Хаус, Авторизација (Велес), Шинтер, Брука бенд, Фуснота, Project 2501, The Author (Охрид), Каин (Кичево), Барбарела, Диџеј Димитри ЈеЈа, Офф-Поп 103ка и други.

Манифестацијата е планирана да започне од 12:00 часот и до 16 часот, сцената ќе зрачи со звуците на македонски реге диџеи и селектори. Потоа на сцената ќе се појават и бендовите кои ќе дадат поддршка со нивните настапи. Во 18:00 часот, ќе започне и официјалниот дел од доделувањето на наградите. Водител на манифестацијата ќе биде долгогодишниот познавач на македонската алтернативна музика, господинот Јово Брамс. Доделувањето на наградите ќе трае до 01:00 часот, а потоа афтерпартито се сели на градската плажа во Парк до раните утрински часови каде што ќе ве забавуваат македонски диџеи со дабстеп, хаус, електронска и транс музика.

Ви најавуваме дека на оваа забавна наградна манифестација може да очекувате одлични изданија во живо, ред заблагодарување, ред почит, два реда достоинство, три реда гордост и до недоглед музика. За алтернативните луѓе и сите оние кои ќе ја посетат оваа манифестација, можат да си ја изгасат жедта за евтини пари на штандовите за продажба на пијалоци или да си купат цедиња, маици и друга роба од македонските алтернативни изведувачи.

27 мај 2015 - 12:33