За Фајзер ќе треба и трета доза

На вакцинираните со две дози од Фајзер најверојатно ќе им треба и трета доза во рок од 12 месеци, а долгорочното решение е вакцинирање еднаш годишно, порачува ЦЕО-то на Фајзер.

Алберт Борула изјавата ја дава во интервју за Си-Ен-Би-Си, и ја споредува заштитата од ковид-19 со „вакцини за грип што треба да ги примаш секоја година“. До сега во САД се испорачани над 102 милиони дози Фајзер вакцини, со кои целосно се вакцинирани 38 милиони лица.

„Веројатното сценарио е дека ќе биде потребна и трета доза, некаде во период меѓу шест и 12 месеци, и од таму, ќе има годишна ревакцинација, меѓутоа сето ова треба да се потврди.

Има вакцини како онаа за полио во кои една доза е доволна, а има и вакцини како оние за грип кои се неопходни секоја година,“ изјавил Борула според кого ковид-19 повеќе наликува на грип отколку на полио.

Ројтерс претходно објави дека Белата куќа се подготвува за евентуалната потреба за ревакцинација на Американците во рок меѓу 9 и 12 месеци по вакцинирањето. Првичните студии покажаа дека лицата кои ќе примат Фајзер или Модерна вакцини имаат заштита од најмалку шест месеци. Заради очигледната временска рамка, научниците се уште немаат цврст став за долгорочната заштита.

И Модерна неодамна изјави дека работи на „дополнителни“ дози, кои би требало есенва да се готови.

16 април 2021 - 14:49