Новата постава на Бразил

75-годишниот адвокат Мишел Темер е новиот претседател на Бразил. Кратката рецензија на неговиот нов кабинет е: првиот избор за министер за наука му беше креационист, а за министер за земјоделие избра земјоделски тајкун кој до сега е одговорен за дефорестација на огромни парчиња од Амазон. По пат, Темер е првиот претседател во изминатите децении што нема жени во својот кабинет.

Уште при објавата дека Темер е новиот претседател на Бразил, Викиликс објави документи според кои тој низ својата кариера имал соработка со ЦИА.

Главната промена е што новата постава, за прв пат по над една деценија, не е левичарска. Иако бразилската влада никогаш не беше ни приближно левичарска како владите на Венецуела или Куба, таа постојано ги поддржуваше нив и беше посветена на намалување на нееднаквоста во земјата.

Со ова Бразил се приклучува кон Аргентина и Парагвај, како земји кои по изборите почнаа да се оддалечуваат од левицата.

"Владата на Темер добро почнува. Тој ќе може да ја расчисти идеологијата на патолошките левичари," порача еден од најпознатите ТВ евангелисти во земјата, и автор на книгата "Како да ги поразиш стратегиите на Сатаната," Силас Малафиа.

Во рецензијата на новата влада, Њујорк тајмс пишува дека додека Дилма Русеф и е позната на јавноста по нејзиното учество во урбани герила групи, како била измачувана од воената диктатура и подемот до позицијата претседател на бордот на државната нафтена компанија, Темер е познат по неговата сопруга.

"До неодамна, релативно малку Бразилци имаа чуено за Темер. А кога слушнале, тоа најчесто имало врска со неговата сопруга, Марсела Темер, 32-годишната поранешна учесничка избор на мисс која е 43 години помлада од него. Двајцата се среќаваат кога таа има само 18 години," пишува Симон Ромеро за Њујорк Тајмс.

Освен што нема ниту една жена во кабинетот на Темер, дополнителна критика, која доаѓа и од Русеф, е дека станува збор за "бела влада" во која нема ниту еден црнец, и покрај тоа што според пописот од 2010-та речиси 51% од Бразилците себе се идентификуваат како црнци или од мешана раса.

Во одбрана на Темер, тој разгледувал неколку предлози за жени министри, меѓутоа тоа не било изводливо. Еден од предлозите за министер за човекови права, била 34-годишната пратеничка Рената Обро, меѓутоа таа отпаѓа од изборот затоа што гласа во корист за законот со кој им се отежнува правото на абортус на силуваните жени. По ова, Темер одлучува министерството да го спои со министерство за правда.

Слични проблеми Темер има и кога за министер за наука се обиде да го именува Маркос Переира, евангелистички пастор кој смета дека теоријата за еволуција е неточна. Наместо тоа тој го назначи Переира за министер за трговија, а на неверување на научната јавност во земјата министерство за наука го спои со министерството за комуникации.

Во исто време, против неколку од министрите на Темер веќе се води некаков судски процес најчесто за корупција.

Во врска со промените во Бразил, деновиве Чомски порача дека "Дилма Русеф ја суспендираа банда лопови".

19 мај 2016 - 11:18