Кан ги отвори вратите... за бездомници

Палатата на фестивалите во Кан, без блицеви и без црвен тепих, ги пречека бездомниците од Кан кои немаат каде да се сместат во време на општа изолација во земјата.

Фестивалот кој требаше да се одржи кон средината на мај се одлага за јуни, а властите пред некој ден ја отворија фестивалската хала за сместување на бездомниците. Според локалните власти во халата секоја вечер преспиваат меѓу 50 и 70 лица.

На влезот од Палатата на фестивалите на секој бездомник му се мери температура. Внатре за нив е поставен дел за јадење, тушеви и заеднички простор со телевизија и игри. Во сосема друга просторија во три ленти поставени се камп-кревети.

Исто така има и 4 кафези за кучиња, доколку некој од бездомниците има да си донесе куче со себе.

Пред 8 дена, Макрон им порача на 67 милиони граѓани на Франција да останат дома и да се заштитат од пандемијата за да го спречат нејзиното ширење. Проблем е што земјата се проценува дека има околу 12.000 бездомници.

Стравот е дека коронавирусот би можел да има неспоредливо големо влијание на бездомниците кои најчесто се без најосновни услови за хигиена, и често пати страдаат од скриени болести. Најголемиот дел од бездомниците зависат од помош од јавноста која сега е ставена во изолација.

25 март 2020 - 09:45