Историска рехабилитација за човекот што ја спаси Европа од Нацистите

Алан Туринг е еден од најголемите умови на британската армија, кој по клучната улога што ја има во победата над Германците, во 1954-та се самоубива заради тоа што бил осудуван дека е хомосексуалец.

Туринг, кој инаку се смета за татко на компјутерските науки и на вештачката интелигенција, за време на војната успева да ги пробие шифрираните Енигма пораки на Германците, заради што Сојузниците неколку години успеваат да ја дешифрираат комуникацијата на Нацистите.

И покрај историската улога, Туринг во 1952-ра е уапсен и осуден заради својата хомосексуалност, која во тоа време во Британија е забранета со закон. На него му е дадена опција да оди во затвор или да биде на условно но да прима хормонална терапија за намалување на либидото. Тој ја избира втората опција која подразбирала терапија со примање на синтетички естроген. Терапијата траела повеќе од една година, во која тој останува импотентен и со гинекомастија.

На 8-ми јуни 1954-та пронајдено е мртвото тело на Туринг. Судската анализа открива дека причина за смртта е труење со цијанид. Кога тој бил најден, до неговиот кревет имало половина изедено јаболко, за кое се сомнева дека било затруено.

Сега британската Влада одлучи дека е подготвена да ја поддржи идејата за рехабилитација на Туринг и дека за тоа бара поддршка од Долниот дом на парламентот на Обединетото кралство. Најавите се дека последното читање на предлогот ќе се случи кон крајот на октомври, по што тој ќе треба да биде изгласан од Парламентот.

Минатата година британската влада одби да го стори ова за 49.000 хомосексуалци кои биле обвинети според истиот закон од кој страдал и Туринг. На списокот се наоѓа и Оскар Вајлд.

20 јули 2013 - 16:31