Бразил во канџите на демократијата

Во време на една од најлошите кризи на бразилската економија и финансиска елита која смета дека левичарските тенденции на Работничката партија не се во нејзин интерес, претседателскиот мандат на Дилма Русеф на 31 август годинава заврши со импичмент.

На изборите во 2014, Русеф собирајќи 54 милиони гласови го освои својот втор претседателски мандат. На 31 август со 60 наспроти 21 глас во бразилскиот сенат, таа беше сменета од функцијата, а на нејзино место по службена должност дојде дотогашниот потпретседател, инаку десничар, Мајкл Темер.

Формалната причина за импичментот беше пречекорување на овластувањата од страна на Русеф, која во период на пад на буџетските приходи се користи со сметководствени акробации и кредити од државните банки за покривање на трошоците, кои во најголем дел се однесуваат на финансирање на социјалните политики што се спроведуваат во земјата во последните 13 години, прво од страна на Лула да Силва, а потоа и Дилма, и двајцата членови на Работничката партија.

Карактеристично е што ова е пракса што ја користат и претходни бразилски претседатели и разни влади низ светот, меѓутоа затоа што станува збор за политичка одговорност, никој од нив пред Русеф не одговарал за неа со менување од позицијата.

Парите за кои Русеф одговара се дел од социјалните програми кои помогнаа за време на владеењето на двајцата претседатели од Работничката партија, над 40 милиони Бразилци да излезат од сиромаштијата. Дел од програмите се "моја куќа, мој живот" за домови за најсиромашните, "повеќе доктори" за доктори во најсиромашните подрачја на Бразил, и "семејна стипендија" која им овозможува на децата да не работат и да одат на училиште.

"Уште првите одлуки на привремената влада на Темер јасно ја покажаа намерата губитниците на претседателските избори да ја остварат својата програма која на изборите јасно беше одбиена. Укинати се министерствата за култура, разноликост, еднаквост на половите и независното тело за контрола на работата на сојузната власт. Најавено е сопирање на буџетски финансираните социјални програми, и воведување на мерки за 'строго штедење,'" пишува Желимир Брала во колумната за Новости.

Самата Русеф не е без гревови, и таа успева да преживее корупциски скандал поврзан со Петробрас, и масовни демонстрации на улиците на повеќе бразилски градови, меѓутоа “иронијата сакаше таа да не падне заради корупција”.

Човекот кој ја почна постапката против Русеф и е нејзин "процедурален архитект", Едуардо Куња, претседател на претставничкиот дом на Конгресот, е суспендиран и обвинет за корупција и перење пари, откако му се откриени сериозни суми на сметки во Швајцарија. Потоа, една третина од сенаторите кои гласаат за импичмент се предмет на казнена постапка, главно за примање мито и проневери на парите за финансирање на партиите и изборните кампањи.

На самиот Темер, по изборите во 2014, судот му го одзема правото да биде избиран во рок од 8 години, заради тешки манипулации со парите за финансирање на изборната кампања за време на изборите на кои изгуби, што значи дека "тој денес не може да се кандидира ни за советник во градски совет, но може да биде претседател на државата."

"Очигледно, зад постапката за менување на владата се наоѓа добро смислен политички и економски проект кој и го поттикна хаосот во бразилската политика во последните осум месеци. И самата постапка за гласање за импичмент во Сенатот и оди во прилог на оваа оценка. Сенатот во последен момент одлучи гласањето да го подели на два дела. Сенаторите најпрво гласаа за смена на претседателката, а потоа и за нејзината подобност за извршување на јавни функции. Смената ја изгласаа, меѓутоа не и го укинаа пасивното гласачко право на осум години, правото повторно да се кандидира за јавни функции, како и што се очекуваше.

Значи, за гревовите од очигледно политичка природа таа нема да биде политички казнета. Раздвојувањето на гласањето ќе му помогне и на Едуардо Куња, кој исто така ќе биде суден во сенатот, да ги задржи своите политички права, иако судската истрага тешко го товари за корупција и перење пари. Ова е добитна комбинација за сите. Дилма е тргната од власт, па може да вика 'пуч' и да се повикува на невиност пред историјата. Куња ќе излезе политички не премногу оштетен, дури и ако го сменат од местото претседател на Претставничкиот дом. Темер, кој веќе ја презема дејноста, го доби она што цел живот и го сакаше, а не успеваше да го оствари на избори. Операцијата Лава јато (масовните демонстрации) веројатно ќе биде разводенета или комплетно сопрена.

А Бразил (и не само он) ќе добие порака за тоа како со демократски методи се постигнуваат недемократски цели, односно како се станува претседател на држава без политички права и без изборен легитимитет," пишува Брала.

14 септември 2016 - 15:00