Зошто секој провајдер треба да се плаши од Гугл Фајбер

Неколку населби во Канзас сити беа избрани од Гугл за експериментално пуштање на нивната услуга Гугл Фајбер (интернет од Гугл). Првите резултати се комплетно застрашувачки за останатите провајдери во САД.

На хартија интернет брзината која им ја нуди Гугл е 1 гигабит во секунда. Во реалност, стварно е тука некаде, над 900 мегабити даунлоад/аплоад. Кај нас просекот е од 5 до 7 мегабити (од провајдерите што не нудат оптика).

За почеток сервисот се нуди во две варијанти: поскапата, 120 долари, во кои добиваш кабловска телевизија, дигитален видео рекордер и интернет што е 100 пати побрз од сегашните брзини на кабловскиот интернет во САД, и поефтина, 70 долари за кои добиваш само интернет. Најбрз.

Она што е веројатно најлошото за останатите провајдери е што Гугл нуди и бесплатен интернет (со брзина 5 мегабити даунлоад / 1 мегабит аплоад), за кој само треба да ги платиш трошоците за инсталација и носење на оптика до твојот дом.

Сите што ќе потпишат 2-годишен договор, добиваат и гратис Нексус 7 таблет кој може да го користат како далечинско за управување со услугата. Плус во опремата е вклучено ВиФи а корисникот добива и 1 терабајт простор на Гугл Драјв.

Дополнително нешто што Гугл го нуди како предност е дека момците од инсталации ќе дојдат точно на време, до минута, и нема да треба да губите цел ден чекајќи ги или на презакажување.

24 ноември 2012 - 18:18