РТ соборена од Анонимус

Рускиот телевизиски канал објави дека е жртва на „масовни“ сајбер напади од над 100 милиони уреди кои главно се наоѓаат во САД, објавува Вајс.

Неколку дена сајтот на РТ беше ограничено или воопшто не беше достапен, на што претходеше јавно обраќање на групата Анонимус. Портпаролот на РТ изјавува дека по ова сајтовите на РТ биле мета на ДДОС нападите во кои учествувале над 100 милиони уреди главно од американски ИП адреси.

Во ДДОС напад напаѓачот гледа од што е можно повеќе уреди да отвори сајтот што е мета, со цел да го преоптовари (дали процесорски, дали мрежно) за тој да не биде достапен за никого.

Анонимус во четвртокот објави дека го срушиле сајтот на РТ, а и во петокот сајтот уште не беше стабилно вратен во продукција.

Освен РТ, Анонимус објави целосна војна против руската држава, па во петокот тие твитнаа дека успеале да го пробијат сајтот на руското министерство за одбрана и дека ја објавуваат дата-базата што ја скинале од таму.

26 февруари 2022 - 13:22