Руските пари најдоа засолниште

Малку позната филијала на главната руска берза е претворена во витален линк на Русија со глобалниот финансиски систем преку кој милијарди долари и евра од продажбата на гориво и други суровини се вливаат во земјата.

Се работи за Националниот клиринг центар (НКЦ), кој ги чува парите во име на други руски банки и нивните клиенти. По налог на Централната банка најголемиот дел од парите што ги чува центарот се сменети од долари, евра и други „не пријателски“ валути во јуани.

„Клиринг центарот нема сопствени пари. Сето ова се пари на банките, поточно на нивните клиенти, кои ги ставаат парите во НКЦ бидејќи тој може да врши плаќања во долари затоа што има кореспонденти сметки кај американските банки.

Откако се појавија гласини дека НКЦ ќе биде санкциониран, најголемиот дел од доларите беа сменети во јуани,“ објаснува Олег Вјугин, кој во јуни годинава си поднесе оставка од позицијата претседател на бордот на Московската берза.

НКЦ до сега е исклучен и од сите можни американски и европски санкции, освен првиот човек на НКЦ кој во септември беше ставен на американската црна листа.

Клучна за функционирањето на НКЦ е одлуката да побара од сите купувачи на руски гас плаќањата да ги префрлат преку клиринг центарот, заради што воведувањето санкции или ограничувања на работата со него директно го загрозува дотокот на нафта и гас.

„Како резултат на ова, вишокот во размената со странство, некогаш апсорбиран од Банката на Русија, завршува во квази-приватни раце бидејќи санкциите ја лишија централната банка од можноста да работи на пазарот на валути.

Нормално, како клиринг на Московската берза, НКЦ работи како посредник меѓу учесниците на пазарите од берза на валути до деривати,“ пишува Блумберг.

Бидејќи нема официјални бројки од руската држава, Блумберг прави своја процена според која вкупниот приход на НКЦ ја надминува сумата од 100 милијарди долари.

Процените на руската централна банка се дека годинава ќе ја заврши со суфицит од 243 милијарди долари, речиси два пати повеќе од 2021. До сега банката околу 70% од суфицитот го префрлаше во своите резерви, од кои добар дел, околу 300 милијарди долари, годинава беа замрзнати.

1 ноември 2022 - 13:35