Ел Салвадор го призна биткоин

Конгресот на Ел Салвадор го изгласа законот со кој биткоин ќе биде признаен како платежно средство во земјата, со што стана првата држава во светот која формално прифатила дигитална валута.

Во законот се наведува „целта на овој закон е да се регулира биткоинот како неограничено легално платежно средство, без ограничувања во која било трансакција, и за која било намена потребна на јавни или приватни физички или правни лица.“

Биткоинот ќе се користи паралелно со американскиот долар, кој е официјална валута на земјата, а курсот на биткоинот ќе биде „слободно утврден на пазарот“.

Законот сега треба да биде потпишан од претседателот Најиб Букеле, што секако ќе се случи бидејќи тој го испрати предлог законот до Конгресот.

Букеле, објаснува дека биткоинот „има вкупна пазарна вредност од 680 милијарди долари“ и ако само 1% од тоа се инвестира во Ел Салвадор „тоа ќе го зголеми БДП-то на земјата за 25%.“

Планот е дека сите фирми и бизниси во земјата мора да прифаќаат биткоин како средство за плаќање, а државата во меѓувреме ќе воспостави посебен државен труст кој ќе им овозможи на бизнисите кои не му веруваат на биткоинот „инстантно да ја заменат криптовалутата во американски долари“.

Трустот потоа има опција да продаде дел од биткоинот на некоја берза за да ги надополни своите фондови.

9 јуни 2021 - 10:53