Во Гевгелија ја имаме футсал комбинацијата од соништата

За време на овие мачни новогодишни, бадникови и божиќни софри, македонските футсал репрезентативци мрсното го трошеа на турнир од кој ќе издвоиме еден страшен волеј проследен со извонредна акција во три потези.

Се работи за новогодишен турнир кој се одржа на почеток од годинава во спортската сала 26-ти Април во Гевгелија. Конкуренцијата е силна бидејќи се пријавуваат екипи од цела Македонија во која настапуваат футсал и фудбалски репрезентативци.

Првото место го освои Пајдаков/Бекарт кој го совлада Казино Фламинго со 5:1. Немаме хајлајтс и голови од целиот натпревар, ама затоа ја имаме акцијата која е задолжителна за гледање.

Антонио Петровски му дегажира на Еркан Сефери од гол на гол на глава, овој на прва го пронаоѓа Зоран Левески, кој со волеј го матираше голманот за водство од 2:1.

Шах мат потег без да тапне. Мислиш Барса ја гледаш во сала. Штета што немаме снимка од доле.

Инаку и тројцата гореспоменати се актуелни футсал репрезентативци на Македонија, а стрелецот Левески е капитен. Кога пред четири и кусур години му правевме интервју му фалеа само три меча да стане прв футсал репрезентативец на Македонија со јубилејна 100-ка. Епа сега има 126 настапи.

Вели дека сакале да го пензионираат, ама капитенот не се дава и вака им одговара:

Колку само богато и шаренолико футсал искуство има акумулирано во кариерата. Сега е член на Велес и селекцијата на Македонија, а има настапувано од азиската Лига на шампиони, па до турнири во Миравци.

8 јануари 2019 - 12:27