Владетелот Хамилтон ја продолжи доминацијата

Британскиот пилот славеше и четврта последователна победа сезонава во Ф1. Во Бахреин второ место за јунакот на вечерашната трка Кими Раиконен, а трето за Нико Розберг од Мерцедес.

Четврти пат сезонава како прв стартуваше бранителот на титулата, Луис Хамилтон, а зад него Себастијан Фетел и тимскиот колега Нико Розберг. 
 
Трката во Бахреин започна со технички проблеми за Џенсон Батон кој не можеше да стартува, а Фелипе Маса имаше сериозни проблеми на стартниот круг на загревањето по што наместо од шестата позиција, тргна од пит стопот. Првите 8 кругови минаа во општа брканица меѓу Луис Хамилтон и Себастијан Фетел, кој како второпласиран го напаѓаше Британецот.
 

Иако во текот на првиот дел од трката не успеа да направи поголема разлика во однос на конкуренцијата и долго време во врат му дишеше тимскиот колега Розберг, Луис Хамилтон на крајот стигна до 36. победа во кариерата. Кими Раиконен ја извозе најдобрата трка откако стигна во Ферари и на крајот можеби и заврши како најголем победник на трката за ГН во Бахреин. Финецот на почетокот го превзеде водството од Розберг, но Германецот со својот Мерцедес брзо ја врати својата позиција.
 
Сепак, со агресивно возење, Раиконен го стигна Розберг на 5 кругови до крајот, ја чекаше својата шанса и конечно во 56. круг го заобиколи ривалот кој излезе од патеката.