Нина и Мила на ЕП во Италија за историја

По веста за извонредното трето место во светска конкуренција на наш сноуборд натпреварувач, уште еден мејл нè изненади викендов. Па ајде нека е оваа објава и на некој начин нешто осмомартовско од нас со задоцнување, како поддршка за жените во спортот.

Еuropeansrimini на својот Инстаграм профил на 8 Март објави видео со текст за силните карактеристики на жените, а идејата им е да ги претстават 37-те земји учеснички како најава за претстојното јуниорско и сениорско европското првенство во спортска гимнастика, кое ќе се одржи во Римини, Италија во периодот 2-5 Мај, 2024-та.

На видеото ќе ја забележите и Нина, како една од двете единствени претставнички од Македонија. Другата е Мила.

Во Италија тие практично ќе испишат историја, бидејќи Македонија за прв пат ќе има претставнички на јуниорско европско првенство во спортска гимнастика.

Зборуваме за еден од спортовите кој е на маргините и во кој не можеме да се пофалиме со некои добри услови, но и покрај тоа, со помош на клубот и тренерите тие се избориле да станат репрезентативки и за скоро време ќе искусат големо меѓународно натпреварување.

Инаку Нина Гуговска и Мила Здравковска се членки во гимнастичарскиот клуб КГС Партизан Орце Николов - Скопје, а тренер им е Петар Стојановски.

Инаку последен пат претставнички на женско европско првенство во спортска гимнастика, Македонија имала во 2000 и 2002 година, но во сениорска конкуренција.

Македонија на извонредното трето место на светскиот скијачки подиум

11 март 2024 - 15:03