Мајк Тајсон демантира дека станал жена

Исто како што многу наши медиуми се имаат избламирано со измислени "#кромид" вести препишани од сатирични сајтови, така и многу светски медиуми се излажаа со една сатирична статија за Мајк Тајсон, па боксерската легенда мораше да демантира дека го сменил полот.

Се започна со измислената статија на британскиот сатиричен сајт NewsBiscuit која набргу стана вирална приказна и го обиколи светот. Во статијата беше наведено дека Тајсон решил да го смени полот и му била извршена операција која траела 16 часа и тој отсега ќе се вика Мишел, а наместо „Железниот Мајк", својот прекар го променил во „Железната Мома".

Авторите дури и измислија изјава од Тајсон:

Некои луѓе можеби мислат дека е чудно што јас сум жена. Но дури и кога бев во врвот на мојата кариера, јас никогаш не ја загубив женственоста во мене и знаев дека еден ден ќе си пораснам гради и ќе имам вагина."

Во минатото често се случувало наши медиуми да поверуваат на сатирични статии од медиуми што правата пародии на вести, но овој пат неколку светски медиуми навистина добро наседнаа. Најпрвин веста за промената на полот на Мајк Тајсон ја пренесоа неколку помали сајтови од Зимбабве, Замбија и Гана, но набргу таа се прошири на целиот афрички континент, по што во статијата поверуваа и ја пренесоа и многу други медиуми од целиот свет.

Откако виде дека некои луѓе сериозно поверуваа во вакво нешто, самиот Мајк Тајсон беше принуден да испрати демант.

Јас се уште сум маж и никогаш не сум имал намера да станам жена. Ваквите тврдења не само што не се вистинити, туку и се неверојатно глупави", стои во краткиот демант на Тајсон.

21 декември 2012 - 10:11