Борењето се брише од Олимпијадите

Единствениот спорт на кој Македонија како независна држава има освоено медал на Олимпијада, повеќе нема да биде на програмата од Олимписките игри во 2020-та година.

Спортот во кој Македонија има европски и светски шампиони и олимписки медалисти, повеќе нема да биде присутен на Олимпијадите.

Во 1995-та година Бучим Јака стана шампион на Европа, а следната година стана и светски првак. Во 2000-та година на Олимписките игри во Сиднеј, натурализираниот Македонец, Могамед Ибрагимов го освои бронзениот медал што претставува единствен медал за Македонија од независноста.

Во поранешна Југославија златен и сребрен медал има освоено Шабан Трстена, а бронзи на Олимписките игри освојувале Шабан Сејдиу и Азис Салиху.

Освен Олимписките игри, македонските борачи имаат освојувано многу медали и на Европските првенства и сите други натпреварувања, со што овој спорт е најтрофеен македонски спорт.

Но борењето најверојатно повеќе нема да биде олимписка дисциплина. На денешната седница во Лозана, Меѓународниот олимписки комитет донесе одлука борењето да се избрише од Олимписките игри во 2020-та година и покрај тоа што се очекуваше тоа да биде модерниот пентатлон.

Од Олимписките игри во 2016-та година во Рио ќе бидат додадени голфот и рагбито, а во септември оваа година МОК ќе донесе одлука кој спорт ќе биде 26-от спорт во 2020-та година. Борењето има шанса да остане на олимписките игри, а за испразнетото место ќе се бори со бејзбол/софтбол, карате, трки со ролерки, спортско планинарење, сквош, вејбординг сурфање и боречката дисциплина вушу.

12 февруари 2013 - 14:02