Борењето ќе ги обедини САД и Иран

Откако Меѓународниот Олимписки Комитет реши да го избрише борењето од листата на олимписки спортови, неколку големи сили во овој спорт наскоро ќе започнат обединета кампања против одлуката, а своја поддршка даде и Владимир Путин.

Односите помеѓу Иран и САД веќе долго време се „замрзрнати", но спортот уште еднаш покажа дека знае да ги обедини и најголемите непријатели.

Мохамам Алибади, претседателот на Олимпискиот Комитет на Иран, и близок пријател на претседателот на државата, Махмуд Ахмадинеџад, изјави дека одлуката на МОК е многу сериозен проблем. Тој најави дека наскоро со уште неколку големи сили во борењето ќе започнат кампања за блокирање на одлуката на МОК. Алибади не споменал кои се другите држави, но најтиражниот весник во Иран открива дека тоа се САД и Русија.

Боречкиот тим на Русија беше најтрофеен на последните Олимписки игри во Лондон со вкупно 11 медали. Иран освои 6, а САД вкупно 4 медали.

Со своја реакција се огласи и Русија. Претседателот на боречката федерација на оваа земја изјави дека имаат поддршка од првиот човек на Русија и дека лично Владими Путин ќе се вклучи во лобирањето против одлуката на МОК.

Борењето има шанса да остане на олимписките игри, а за испразнетото место ќе се бори со бејзбол/софтбол, карате, трки со ролерки, спортско планинарење, сквош, вејбординг сурфање и боречката дисциплина вушу.

23 февруари 2013 - 17:19