Вардар го реши и Пик Сегед

Унгарскиот состав се покажа како незгоден противник во второто коло од Лигата на шампионите, но Вардарци повторно одиграа одлично второ полувреме за нова победа.

Ракометарите на Вардар добро го отворија вториот меч за оваа сезона во Лигата на шампионите и за разлика од првиот меч против Монпеље, Раул Гонзалес на централната бековската позиција почна со Карачиќ наместо со Циндриќ.

Првите голови на средбата отидоа на контото на нашиот тим кој поведе со 2:0 преку Дибиров и Карачиќ. Штербик бранеше цврсто на стартот, а Вардарци влегоа во серија и направија водство од 6:2.  

Во серијата покрај двата гола на Дибиров, на два пати беше прецизен и Марсениќ, но на средината од првиот дел, работите целосно се сменија. На Вардарци не им одеше во напад, а најмногу проблеми имаа со гостинскиот голман кој одлично се разбрани.

Пик Сегед влезе во серија од 5:1 и во 20 минута го направи првото водство 8:9. Марсениќ го израмни резултатот, но кризата во нападот продолжи, а Унгарците направија и водство од +2. Гонзалез во игра ги внесе Деревен и Циндриќ, на местото на Душебаев и Карачиќ, а тоа му донесе резултат, бидејќи поранешниот член на Металург, даде два гола за 11:11 на пауза.

Серијата на Циндриќ на почетокот од второто полувреме ја продолжија Дибиров и Карачиќ. Потоа ракометарите на Пиг Сегед во два напади по ред не успеаа да го совладаат Штербик, а Шишкарев и Абутовиќ погодија во вистински момент за водство од 16:12.

Црвено црните можеа да имаат и уште поголема водство, но Дибиров промаши во неколку напади по ред од кои два беа зицери. И покрај тоа што Вардар имаше поголема контрола над играта и резултат, Унгарците не се предаваа и намалија на -2.

Гонзалес мораше да го повлече од игра индиспонираниот Тимур Дибиров, а неговата замена Дејан Манасков преку убиствената контра на Вардарци ја запали публиката во Јане Сандански за водство од +3, а потоа и преку пенал за +4.

Серијата на голови Вардар ја продолжи преку Марсениќ и Циндриќ. Хрватот во 51 минута му донесе на својот тим највисоки +6, но одбраната не беше на ниво, а гостите намалија на 20:17.

Тоа всушност им беше и максимумот на овој меч кој Вардарци не го испуштија од контрола и со голот на Душебаев славеа со конечни 27:23.

Најпрецизен кај Вардар беше Карачиќ со 5 погодоци, а Циндриќ, Дибиров и Душебаев постигнаа по 4. Штербик имаше одлична партија со 15 интервенции.

27 септември 2015 - 19:26