Преку трилер завршница Македонија до следната фаза

Со голот на Кире Лазаров во последната минута и со неприкосновениот Борко Ристовски кој блесна со 19 одбрани, македонската ракометна репрезентација стигна до првиот триумф (22:21) на Европското првенство во Данска кој ни носи понатамошен пласман.

Македонија веднаш тргна офанзивно на овој натпревар, а по голот на Манасков, Австријците веднаш одговорија со погодок. Ангеловски го врати водството на нашиот состав кој потоа со двата последователни прецизни седмерци на Лазаров направи предност од 4:1.

Селекцијата на Австрија не дозволи да се одлепиме и се врати резултатски. Во 20 минута од мечот резултатот беше израмнет, а на семафорот стоеше само скромни 6:6. Тоа се должеше на маестралниот Борко Ристовски кој имаше дури 11 одбрани во првиот дел, а уште порасположен беше неговиот колега во спротивниот табор со две одбрани повеќе.

Првиот гол од игра на нашиот капитен се случи во 21 минута, а по одбраните на нашиот расположен чувар на голот имавме водство од 9:6. Значаен придонес во првото полувреме нашата селекција имаше од крилата Манаков и Георгиевски кои беа отсечени на претходниот дуел против Чешка и кои во првите 30 минути постигнаа по два гола.

Избраниците на Обрван на полувреме имаа 12:10, а на стартот од вториот дел Ристовски повторно беше во елемент. Македонија тоа го искористи со водство од +3 во два наврати. Австрија потоа влезе во серија и во 40 минута го израмни резултат на 14:14.

Нашите ракометари повторно се вратија на +2, но следуваа лоши минути во кои беше исклучен Миркуловски, веднаш потоа и Лазаров, а Австрија тоа го искористи и направи прво водство на мечот. Манасков во следниот напад промаши пенал за израмнување.

Македонија имаше проблеми во играта, а неприкосновен со одбраните беше австрискиот голман Мариновиќ. Во 52 минута имавме негатива од 2 гола, но на четири минути до крајот Австријците имаа исклучување и со двата гола на Стоилов нашите ракометари го израмнија резултатот на 20:20.

Тимот на Обрван повторно влезе во драматичен финиш во кој на две минути до крајот на голот на Лазаров од пенал, Австрија веднаш одгорови. На 30 секунди до крајот нашиот лидер го постигна победничкиот гол на мечот, а со звукот на сирената Ристовски го одбрани ударот кој најверојатно немаше да важи.

Натпреварот мина во знакот на голманите. Борко Ристовски беше прогласен за играч на мечот со 19 одбрани, а Никола Мариновиќ оствари 22 одбрани.

16 јануари 2014 - 19:59