Победа на Македонија за крај на Европското

Најдобрите македонски ракометари ја совладаа Швајцарија 29-27 (13-9) и со победа го завршија Европското првенство во Германија. Овој триумф е важен и за баражот за Светско првенство 2025.

Дуелот во „Мерцедес Бенц Арената“ од почеток до крај беше резултатски драматичен и на крајот заслужено го однесе македонската репрезентација.

Од стартот селекторот Лазаров не можеше да смета на нашиот прв голман Никола Митревски. Капитенот поради повреда го пропушти мечот.

Македонија тргна со Талески, Џонов, Јагуриновски, Пешевски, Атанасијевиќ и Костески а голот го чуваше фантастичниот Томовски кој бранеше одлично.

После десет минути игра резултатот на семафорот беше израмнет 3:3. Се играше гол за гол до моментите кога Томовски со две сјајни одбрани овозможи водство од 2+ со головите на Пешевски и Митев.

Македонија до највисока предност стигна по 20 минути игра кога водеше 9-5 но Швајцарците набрзо се вратија резултатски по серија технички грешки на нашите ракометари.

До паузата момците на Лазаров се кренаа и успеаа да водат 13-9, благодарение пред се на одличниот Мартин Томовски кој изброја седум интервенции.

Во вториот дел во брзо темпо Митев, Јагуриновски и Талески се надмудруваа со Швајцарците и имавме позитива од 17-12. Упорниот ривал упорно се враќаше во игра и по неколку неискористени напади на Македонија, Швајцарија израмни 23-23 и го внесе мечот во драматична завршница.

Важно е да се напомене дека резервниот голман Марко Кизиќ запиша две исклучително важни одбрани во втората половина од вториот дел со што дополнително го крена моралот на соиграчите пред завршницата.

Во последните две минути резултатот беше 27-27. Швајцарците одиграа пасивен напад, погрешија а на другата страна Томи Јагуриновски донесе водство. Во последниот напад за Македонија на 30 секунди пред крајот Митев ја запечати важната победа.

Со овој триумф Македонија е трета на табела зад неприкосновените Франција и Германија кои вечерва го играат дербито на колото. Оваа победа значи и место меѓу носителите во борбата за Светско првенство 2025 што би можело на Македонија да и донесе олеснителна околност и полесен противник.

Најефикасен на мечот беше Енди Шмит. Швајцарецот дури 11 пати погоди а во составот на Македонија Марко Митев и Ненад Костески постигнаа пет голови а Мартин Томовски запиша 12 одбрани.

16 јануари 2024 - 19:29