Миркуловски: Со одење и стоење не може да победиме

Македонските ракометари се свесни и бајаги самокритични за бледата партија против селекцијата која се очекуваше дека ќе ја добијат. Самите ја нарекоа срамна.

Свесен за промашениот натпревар е и селекторот, кој рече дека играчи кои играат во Лигата на шампиони, Бундеслига и во добри првенства, не смеат да си го дозволат ова.

Филип Миркуловски:

„Разочарани сме. Факт е дека сме поквалитетни од Црна Гора, ама фаворитите секогаш не победуваат. Не може со одење и со стоење да победиме! Трениравме добро, ама нешто не трениравме, а тоа се душата и срцето. Жал ми е многу, а неиграњето на Стоилов да не ни биде оправдување. Имаме квалитет, но тој не победи денеска“

Филип Кузмановски:

„Срам ми е да излезам на терен против Данска пред овие наши навивачи. Тие заслужуваат многу повеќе во однос на тоа што го покажавме. Навистина немам коментар, не знам што да кажам. И вчера реков дека самите сме криви и дека треба да ги поправиме тие технички грешки, а денеска направивме уште повеќе. Не знам кај е проблемот. Сите зборуваат за некоја нова Макеоднија, да смениме нешто, да не бидеме само пензионерска, да трчаме. Ама ние трчаме како без глава. Црна Гора ни покажа како се бори, ние не се боревме и заслужено нѐ победија“.

Филип Талески:

„Срамно. Немам повеќе што да кажам“.

Кире Лазаров:

„Не можеме да ги преброиме грешките кои ги направивме. Едноставно да ви кажам бев немоќен, што и да направам, како и да реагирам, како да се случуваше на филм. Играчи кои играат во клубови со коректни улоги, играат во Лигата на шампионите, Бундеслига, во добри првенства, да не набројувам имиња, не смеат да си дозволат така. Без разлика дали е добра стратегијата или не, ти или си играч или не. Тоа го решаваш на терен. Ние сме тука да подготвиме, да направиме тактика, но тие се оние кои решаваат на терен.

Дојде до еден психолошки блок и ние бевме, речиси немоќни. Едноставно видикот, перцепцијата на целиот терен ни се намали. Не знаеја и не знаевме што правиме. Очигледно е дека играчите имаа голем притисок, кога натпреварот не тргна добро. Се враќавме, бевме блиску, но наместо да се посветиме на нашата одбрана, ние цел натпревар бркавме разлика. Евидентно е дека треба да учиме уште многу, да тренираме, да работиме“.

15 јануари 2022 - 21:23