Лазаров остана без финале

Фленсбург и Кил се новите два финалисти во завршниот фајнлфор турнир во Келн. Во драматична завршница германскиот состав успеа да ја анулира предноста на Барселона од 6 гола и дури по пенал серијата стигна до финалето од Лигата на шампионите.

Шпанскиот состав иако важеше за фаворит на полуфиналниот дуел не успеа да го мине тимот на Фленсбург кој го елиминираше Вардар во четвртфиналето. Во првото полувреме се играше доста неизвесен ракомет во кој германскиот тим беше постојано рамноправен противник.

По првите 15 минути резултатот постојано беше израмнет и се играше гол за гол. Фленсбург потоа имаше предност од +2. Каталонците на 4 минути до крајот на полувремето направија серија од 4:0 во која Лазаров го постигна првиот погодок и остварија водство 16:14, но Германците вратија и на пауза заминаа со предност од 16:17.

Ракометарите на Барселона во првите 10 минути од вториот дел експлодираа на теренот и по негативата од три гола на стартот, влегоа во серија од 6:0. Фантастичен на голот беше Шариќ кој во важните моменти оствари 6 одбрани.

Каталонците беа доминантни и постојано ја одржуваа предноста која најмногу изнесуваше +6, а  одлично полувреме имаше Кире Лазаров кој постигна 4 голови во вториот дел. Ракометарите на Фленсбург не се предадоа и ја искористија кризата на противникот кој целосно падна во најважните моменти и не успеа да постигне гол околу 8 минути.

Барселона го прокоцка водството и мечот влезе во драматична завршница. Во последната минута при резултат 32:31 се обиде да го потроши нападот и да стигне до триумф, но погреши во клучен момент, а Гландорф во последната секунда постигна погодок за продолженија.

И во двете продолженија од по 5 минути се играше неизвесно и драматично до последната секунда. Натпреварот на крајот го доби Фленсбург, откако само Карабатиќ не успеа да го реализира ударот од 7 метри.

На другото полуфинале ракометарите на Кил го совладаа Веспрем со 29:26 и стигнаа до седмото финале во Лигата на шампионите.