Како изгледа патот на Македонија до осмото Европско во низа?

Македонската ракометна репрезентација ги доби противниците за новиот квалификациски циклус за ЕП 2026. Лазаров е задоволен од ждрепката, но смета дека на треба да се потценат двете селекции против кои треба да ја оправдаме фаворитската улога.

Македонија доби противници по мерка, а тоа се Словенија, Литванија и Естонија. Тоа ни дава надеж дека ќе ја продолжиме низата на настапи на големите ракометни натпреварувања.

Словенија како селекција од првиот шешир е фаворит во нашата група, што значи нашиот национален тим би требало да атакува на втората позиција.

Пласман на ЕП 2026 кое ќе се игра во Шведска, Норвешка и Данска, обезбедуваат двете првопласирани селекции од секоја група, како и четирите најдобро третопласирани селекции.

Квалификациите ги отвораме дома против Естонија во ноември годинава, а ги затвораме дома во мај следната година против Литванија.

„Задоволен сум од ждрепката, мислам дека имаме реални шанси да се пласираме на следното Европско првенство. Не смееме во ниту еден случај да ги потцениме селекциите на Естонија и на Литванија, додека со Словенците ќе пробаме да извојуваме барем една победа. Знаеме дека се работи за квалитетен национален тим кој што успеа да обезбеди олимписка виза за Париз 2024 година“, изјави селекторот Лазаров.

Квалификации за ЕП 2026:

1. коло: 6 или 7 ноември 2024 
Македонија – Естонија

2. коло: 9 или 10 ноември 2024
Литванија – Македонија

3. коло: 12 или 13 март 2025 
Македонија – Словенија

4. коло: 15 или 16 март 2025 
Словенија – Македонија

5. коло: 7 или 8 мај 2025
Естонија – Македонија

6. коло: 11 мај 2025
Македонија – Литванија

Македонија брка вкупно деветто учество на Европските првенства или осмо по ред. Низата ја почнавме во Србија 2012 кога го остваривме историското петто место.