Историски снимки со Кире од времето во Борец и Пелистер

Во овој продолжен карантински викенд, некој доста длабоко копал во архивите на нашиот ракомет или поточно во Лига на шампиони од 90-те. И во тие младалачки денови мрежите ги кинел безвременскиот Лазаров. Коментираат Златко Калински и Зоран Поповски.

„Ракометниот ас е роден. На големи мечеви се познаваат вистинските играчи“, вели во преносот легендарниот Златко Калински за легендата во формирање.

Само ќе потсетиме дека сме 2020-та, Кире игра уште на ниво и на 10 мај ќе наполни 40 години, а решетал во ЛШ и минатиот век и милениум.

Првата снимка е од сезоната 1998/1999 кога Пелистер го пречекал Ковопетрол Плзен. Битолчани го совладале чешкиот првак 30:27, а 18 годишниот Кире Лазаров експлодирал со 11 погодоци.

Уште на тие години се наметнувал како лидер на тимот, препознатлив со неговите сигурни седмерци, но пред сè проектили од 9 метри. Кире растура од сите позиции и ја фрла во транс салата Младост која го скандира неговото име.

Пелистер е вториот тим во неговата кариера каде играше три години (1997 - 2000) и потоа замина во Загреб. Прв му е Борец. На второто видео можете да го видите неговото деби за велешкиот тим и тоа на 15 години во ЛШ.

Се работи за средна против Динамо Букурешт на која Борец славел убедливо со 27:18. Кире тука игра како десно крило.

Така почнал човекот кој 25 години игра во Лига на шампиони и стана прв ракометар на планетава со над 1.000 голови во ова натпреварување.

Ова се фотографии од неговите денови во Пелистер во друштво на Стевче Алушевски, Петар Ангелов, Владимир Темелков и Лазо Мајнов со кои го освои историското 11-то место на Светското првенство во Хрватска 2009.

20 април 2020 - 09:09