Дебакл на Вардар во Јане Сандански

По поразот од Еурофарм Пелистер во Суперлигата, ракометарите на Вардар повторно загубија пред своја публика, овој пат од Веспрем во осминафиналето на ЛШ.

Осминафиналната пресметка меѓу Вардар и Веспрем наликуваше на минатогодишната, но тогаш унгарскиот претставник славеше со 27:41, а сега со 22:30, кои сепак ќе бидат тешко достижни за реваншот.

По негативата од 0:2, Вардарци одговорија силно со 5 гола по ред од кои 3 на мотивираниот Филип Талески. Но тој заедно со Дибиров и Томовски беа единствени на висина на задачата.

Црвено црните одиграа натпревар под своето ниво, со многу падови во играта и технички грешки, а тоа гостите дрско го казнуваа и го демотивираа домаќинот, кој како сè уште да не беше опоравен од шокот кој им го приреди големиот ривал од Битола.

Веспрем на полувреме имаше предност од 11:15 и кога на стартот од вториот дел се очекуваше да притисне гас, Вардар влезе во нова, многу лоша криза од 11 минути без постигнат гол.

Она што дополнително им зададе мака на избраниците на Дејвис, беа и голманите на Веспрем кои заедно растурија со 21 одбрана. Коралес бранеше пенали, зицери и куп шутеви од надворешните позиции.

Најдобар поединец на натпреварот беше Андреас Нилсон кој даде 8 погодоци, а најмногу му помогна Петар Ненадиќ со 6, исто колку што кај Вардарци дадоа Талески и Дибиров.

Реваншот е закажан за 6 април.

31 март 2022 - 20:16