Трета среќа за МЗТ

По двата порази од минатата сезона, МЗТ Скопје предводен од Тодор Гечевски ја забележа првата победа над црногорскиот шампион Будуќност во третото коло од Јадранската лига.

На стартот од натпреварот кошаркарите на МЗТ ја искористија лошата реализација на Будуќност и направија серија од 9:0. Гостите скоро пет ипол минути не постигнаа поени, па МЗТ бргу направи двоцифрена предност (12:2). По седум минути игра МЗТ ја имаше највисоката предност од +15 (19:4), а на крајот од првата четвртина имаа 24:11.

За одбележување на овој натпревар е и враќањето на паркетот по повредата на Ѓорѓи Чековски со чии први поени оваа сезона во втората четвртина МЗТ дојде до +16 (29:13). Во втората половина од оваа четвртина гостите ја искористија малата резултатска криза и ја намалија негативата, но нашиот шампион бргу се врати во игра и до полувремето си ја вратија предноста од +16 (44:28).

Црногорците се разбудија во второто полувреме и предноста на МЗТ од +18 ја стопија на само седум разлика (57:50), но искусниот Гечевски со седум поени во серија го врати двоцифреното водство и по третата четвртина резултатот гласеше 64:52.

Но во последната четвртина кошаркарите на Будуќност фатија залет и со голема серија на три минути до крајот стигнаа до само еден поен негатива (72:71). Но тоа беше се што тие сторија и МЗТ на крајот триумфираше со 78:71.

Најдобар на паркетот беше Тодор Гечевски со 27 поени и 10 скокови, Синовец постигна 11, а Лучиќ и Дејвис по 10 поени. Најефикасни во редовите на Будуќност беа Поповиќ и Чапин со по 14 поени.

12 октомври 2013 - 20:50