Срамни сцени во Мадрид, кошарката на крај се претвори во кечери

Место да биде кошаркарски празник, второто соочување на Реал и Партизан во четвртфиналето од Евролигата се претвори во улична тепачка. Србите слават нова голема победа, а Данте Егзум заврши со патерици.

Вториот натпревар меѓу Реал Мадрид и Партизан заврши 1 минута и 40 секунди порано од предвиденото, поради групна тепачка по која судиите свирнаа крај и им ја доделија победата на гостите кои во тој момент водеа 15 поени разлика (80:95).

Хаосот настана после намерниот прекршок на ветеранот Серхио Љуљ врз Пантер, а најгрубиот и најсрамен потег го направи Французинот Гершон Јабуселе кој го собори и го фрли на паркетот Данте Егзум како во ринг.

Докторот на Партизан изјави дека Егзум има скршен прст и повредена тетива и сезоната најверојатно му е завршена. Со патерици излезе од сала.

Кевин Пантер и Џанан Муса си разменија удари, удираше и Габриел Дек, ама несфатлив е дивјачкиот потег на Јабуселе кој се однесуваше како да е на кечери.

Партизан има капитална предност од 0:2 остварена во шпанската престолнина и на 2 мај во пеколната Штарк арена ќе брка победа за пласман во Фајнлфор.

28 април 2023 - 08:41