Втор триумф на МЗТ Скопје во Јадранската лига

Штрковите победија и без најверните

Кошаркарите на МЗТ Скопје ја остварија втората победа во 5. коло од АБА лигата, откако вечерва ја совладаа Игокеа 75:70 и со учинок 2-3 ќе патуваат во Никшиќ за прва гостинска победа сезонава.

МЗТ Скопје одлично го стартуваше вечерашниот дуел и по три минути водеше 9-2, а со одличната одбрана и прецизниот шут од далечина, Металците ја завршија првата четвртина со високи 14 поени предност (27-13). Почетокот на втората четвртина го однесе МЗТ на највисоки 16 поени позитива (31-15). За разлика од претходните натпревари, избраниците на Алеш Пипан оставија впечаток дека сериозно работеле на одбраната, од која произлегуваа изградени напади за крај на првото полувреме со најубедливи 48-29.

Како што најавуваше словенечкиот тренер пред мечот, фокусот мора да остане на највисоко ниво и МЗТ не дозволи драстичен резултатски пад како против Партизан и Мега Лекс. И покрај тоа што гостите од БиХ во третата четвртина направија серија од 11-2 и после пет минути ја смалија негативата на 9 пони (41-50).

Аеродромци брзо вратија со серија од 11-2 и повторно на семафорот имаа водство од 18 поени разлика. Сепак, ниту тоа како да не го скрши отпорот на Игокеа, чијшто тренер Жељко Лукајиќ вечерва не го водеше тимот поради суспензија. Гостите на 7 минути пред крајот намалија на 66-60, но за среќа македонскиот шампион одново се одлепи и на крајот заслужено славеше 75-70.

Во редовите на МЗТ Скопје, Данило Мијатовиќ беше најефикасен со 14 поени и 11 скокови, Ѓорѓе Дреновац уфрли 13 поени, а најдобриот поединец на претходните натпревари на МЗТ, Душко Буниќ запиша 12 поени. Големи заслуги за новиот триумф на МЗТ, втор од почетокот на сезоната има и Марко Љубичиќ кој постигна 10 поени со 10 асистенции и пет скокови.

Александар Чапин, довчерашниот кошаркар на МЗТ, постигна 8 поени за гостите. Во обид да стигнат до првата победа на гости сезонава во АБА лигата, Металците во недела ќе играат против дебитантот во лигата, црногорската Сутјеска.

13 октомври 2015 - 19:29