Штрковите ортаци со Левски на дното

Кошаркарите на МЗТ Скопје го претрпеа и шестиот пораз по ред во АБА лигата, овој пат од Игокеа 76:80. Сино-белите дозволија ривалот да им ја стопи предноста од 15 поени и поразот беше неминовен.

Аеродромци немаа добра увертира во пресрет на градското дерби со Работнички во среда. На серијата порази во регионалното натпреварување никако да и дојде крај, така што МЗТ Скопје на половина од февруари ќе може да се сконцентрира само на домашните натпреварувања.

„Металците“ рутинирано го почнаа дуелот и во еден момент од првите 20 минути имаа дури 15 поени предност (42:27 во 16. минута), по што домашната публика веќе штиклираше победа и крај на црната серија. На општо изненадување, МЗТ во третиот период постигна мизерни седум поени за десет минути игра и гостите од Александровац го превзедоа водството.

Игокеа, екипа која се наоѓа пред МЗТ на 12. место на табелата во Македонија допатува со десет кошаркари, несвесни дека може да им се укаже прилика за триумф.

Моментот кој извесно го одлучи победникот беше петтата лична грешка на Предраг Самарџиски во третиот период, кога Пеџа мораше да од надвор од игра. До крајот од натпреварот, Огњен Чакаревиќ лесно го полнеше кошот на МЗТ и со 18 поени беше најзаслужен за победата на Игокеа, после која МЗТ Скопје останува закован на претопследното место, пред отпишаниот Левски.

Урош Лучиќ со 17 погодоци беше прв стрелец кај „штрковите“, кои до крајот од сезоната во Јадранската лига ќе мора да почекаат уште четири кола. Во меѓувреме АБА лигата ќе биде на пауза, затоа што ќе се играат натпреварите од националните купови во земјите од регионот.

Во следното коло, МЗТ Скопје на 1. март ќе ја пречека љубљанска Олимпија на поранешниот стратег на Скопјани, Алеш Пипан.