Нова година, нов пораз за МЗТ Скопје

Петти пораз за МЗТ Скопје во шестиот меѓусебен дуел со Будуќност. Црногорците вечерва славеа во Скопје 85:61 и му го нанесоа на МЗТ единаесетиот пораз во сезоната, која е резултатски најлоша од сите три на Скопјани во АБА лигата.

Како ја завршија старата, кошаркарите на МЗТ Скопје така ја почнаа и новата година, со пораз. Будуќност во Скопје дојде како фаворит поради второто место на табелата и слабата форма на аеродромци во последно време.

„Металците“ го почнаа натпреварот со слаб шутерски процент (29% за 2 поени), а црногорскиот состав тоа го искористи на најдобар можен начин и со 5 тројки од 7 обиди, по првите 10 минути водеше убедливо 22:9. Слично мина и втората четвртина, во која домаќините немаа решение за Рејнолдс и Суботиќ, кои беа најзаслужни за водството од 19 поени разлика на полувремето, 16:27.

Избраниците на Боби Митев делумно подобро заиграа во третиот период и благодарение на Урош Лучиќ и Дион Диксон ја намалија негативата на 12 поени и во тие 10 минути беа рамноправен противник. Тоа како да беше дополнителен мотив за Будуќност да запне уште повеќе и третиот период да го заврши со 16 поени позитива, иако МЗТ го доби третиот квартал 22:19.

Последните десет минути донесоа уште поголема разлика во сите параметри во корист на Будуќност, така што Црногорците веќе имаа 28 скокови на своето конто. Митев се обиде со младиот Стајиќ и Синовец на надворешните линии да ги размрда своите кошаркари, но ниту тоа не успеа да донесе значителна промена во играта и Будуќност славеше на крајот со 85:61.

Најефикасни во редовите на македонскиот шампион беа Шеховиќ со 15 и Урош Лучиќ со 14 поени. До 13. победа во сезоната, Будуќност стигна благодарение на Планиниќ кој уфрли 20 поени, Суботиќ додаде 14, а Иван Пауниќ 13 погодоци. МЗТ Скопје на 9. јануари (петок) од 21:00 часот му гостува на унгарскиот Солнок.

Во вториот натпревар вечерва, Црвена звезда Телеком ја победи Олимпија во Љубљана и така стигна до 16. победа по ред, со што постави нов рекорд во последователни победи во Јадранската лига.

РЕЗУЛТАТИ 16. коло:

Олимпија - Црвена звезда Телеком 81:91
Партизан - Цедевита 76:64
МЗТ Скопје - Будуќност 21.00

во понеделник:

Цибона - Мега Лекс 20.30

одиграно во саботата:

Металац - Крка 69:67
Игокеа - Солнок 66:71
Левски - Задар одложено

Табела АБА лига:
Црвена звезда 15-0 (победи-порази)
Будуќност 12-3
Цедевита 11-4
Унион Олимпија 8-7
Партизан 8-7
Цибона 8-7
Солнок 7-9
Металац 7-9
Крка 6-10
Мега Лекс 7-8
Задар 7-8
Игокеа 5-11
МЗТ Скопје Аеродром 5-11
Левски Софија 1-14.

4 јануари 2015 - 22:42