Лука блескаше со трипл-дабл, една блокада ја спречи Словенија да оди по злато

Кошаркарите на Франција и Словенија одиграа неверојатно полуфинале со неколку резултатски клацкалици. Словенците се враќаа од голема негатива и на крајот имаа напад и шут за победа, ама Батум со четврта банана ги спречи.

ФРАНЦИЈА - СЛОВЕНИЈА 90:89 (27:29, 15:15, 29:21, 19:24)

Лука Дончиќ денес за малку не ја продолжи бајката која го следи од почетокот на сезоната. Со репрезентацијата немаше пораз на 17 меча по ред, а денес во полуфинале на Олимписки Игри суперѕвездата на Далас Маверикс имаше трипл-дабл (само трет играч во историја на ОИ со таков учинок после Леброн и Белов) со: 16 поени (5/18 за 2), 18 асистенции, 10 скока, 1 блокада и 1 украдена топка.

Од друга страна играч на мечот беше Нандо Де Коло со 25 поени, 7 скока и 5 асистенции. Иван Фурние одигра голема улога во триумфот откако додаде 23 поени со 5 скока и 3 асистенции, а Тимоти Луваву имаше 15 поени со 5 скока.

Неверојатниот плејмејкер Де Коло ја води Франција во четврто олимписко кошаркарско финале каде Французите ќе се борат за 10. олимписки медал во кошарка.

Клучен момент на мечот се случи во последните секунди кога при резултат 90:89 за „триколорите“, Лука Дончиќ го поведе последниот напад за Словенците, додаде до Клемен Препелиќ кој тргна на влез но таму искусниот Никлас Батум „го залепи“ и Франција славеше пласман во финале.

Кај Словенците покрај Дончиќ кој одигра 36 минути и 35 секунди речиси цел меч, ефикасни беа уште и Клемен Препелиќ со 17 поени, Мајк Тоби со 23 поени, 8 скока и 2 асистенции, Јака Блажиќ уфрли 14 поени со 5 скока, а Влатко Чанчар 11 поени со 9 скока и 1 асистенција. 

Ова беше прв настап на Олимписки Игри за кошаркарска репрезентација на Словенија од нејзината независност. Словенците ќе играат за бронза и трето место против Австралија во сабота од 4:30 наутро по наше време, а финалето е исто во сабота од 13:00 часот: Франција и Америка.

5 август 2021 - 14:58