Кајри Ирвинг: Ѓоковиќ е мој брат на овој свет, заедно поминавме низ пекол

Големата НБА суперѕвеза Кајри Ирвинг кој сега настапува за Далас Маверикс во тандем со Лука Дончиќ, вели дека српскиот тенисер го смета за свој брат поради страшните притисоци низ кои минале поради одлуката да не се вакцинираат против вирусот во глобалната пандемија.

Кајри Ирвинг поминуваше речиси низ исти маки и стресови како Новак Ѓоковиќ за време на глобалната пандемија.

Фантастичниот плејмејкер и бек шутер кој има шампионска титула во НБА (2014), 8 настапи на Ол-Стар каде беше МВП (2014), во сезоната 2021/2022 пропушти еден куп натпревари на домашен паркет поради тоа што беше невакциниран против Ковид а во државата од каде беше неговиот Бруклин Нетс имаше стриктни закони за јавни настани во време на пандемијата.

Кајри Ирвинг играше само гостински натпревари и тоа во оние држави во САД каде не мораше да се покаже вакцинален лист. Не играше ниту еден меч на домашен паркет поради што му одбиваа од плата и беше казнуван.

Ѓоковиќ минуваше низ слични голготи во Мелбурн, Австралија каде дури и заврши во домашен притвор, во мотел за азиланти.

„Не го познавам Ѓоковиќ многу добро, но само знам дека си праќавме поддршка од далеку. Се справувавме со слични ситуации во кои главна работа беше независноста на телото и во фактот дека секој има можнст да го стори она за што смета дека е најдобро за себе“, вели Кајри Ирвинг во интервју за Мундо Депортиво.

„Чувствувам дека Ѓоковиќ е мој брат на овој свет, брат во ваков тип на неволји. Темава стана многу посложена отколку што треба - се смени од луѓе кои го прават најдоброто за себе па до притисок од влади, федерации или луѓе кои даваат свое мислење. Затоа треба да почитуваме некој што донел одлука за себе и затоа го поддржувам Ѓоковиќ. Тој донесе решение и гајле ми е за оние што не го поддржуваат“, додава големата НБА ѕвезда.

28 март 2024 - 15:25