Евробаскетот 2017 ќе се игра во четири земји

Романија, Финска, Турција и Израел се четирите земји кои ќе го организираат кошаркарското Европско првенство во 2017. година, потврди ФИБА на состанокот во Минхен. Завршницата ќе се игра во Истанбул.

Романија групната фаза ќе ја организира во градот Клуж, Финска во Хелсинки, Израел во Тел Авив, а Турција во Истанбул за каде се закажани и полуфиналните и финалниот натпревар (во салите Абди Ипекчи и Синан Ердем арената). ЕП 2017 ќе биде јубилејно 40. Европско, а после него секое следно ќе се игра на четири години. Финска само еднаш претходно организирала ЕП и тоа во 1969. година, а Израел и Романија никогаш. Покрај нив, кандидатура за домаќинство изрази и Полска.

Ќе учествуваат 24 екипи кои ќе бидат сместени во четири групи со по шест селекции, што значи идентичен формат како и на Европското изминатото лето на кое играше и нашата репрезентација во Загреб. Првите четири репрезентации од секоја група ќе одат во нокаут фазата, односно во осминафиналето.

Инаку Турција последен пат беше домаќин на едно Европско првенство во 2001 година кога Турците загубија во финале од тогашна Југославија 78:69. Турција била домаќин и на ЕП во далечната 1959. година а го организираа и Светското во кошарка во 2010. година. 

Покрај домаќините, учество на ЕП 2017 веќе обезбедија Литванија, Грција, Србија, Франција, Шпанија, Италија и Чешка Република.